Бујар Османи денес одржа панел дискусија со универзитетски професори и аналитичари на тема: „Граѓански устав vs. Охридски устав“. Османи ја изрази својата загриженост дека идејата за унитарен устав, со кој ќе се избришат етничките заедници, иницирана прво од Левица, потоа од ВМРО-ДПМНЕ, сега е поддржана од албанските политички опоненти. „Шокантно е што албанските опозициски партии влегоа во оваа игра, поради калкулации за власт“, рече тој.
„Тезата за граѓански устав, или устав каде основна единица на државата е само индивидуата, а не колективот, како формирачка единица на државата, е најголемата опасност што може да ѝ се случи на државата и најголемото укинување што може да му се случи на Охридскиот рамковен договор… Отстранувањето на сите заедници од Уставот, односно враќање на мнозинската демократија, каде доминантно е надгласувањето и мајоризацијата. Прашањето за балансерот, мислам дека во суштина овој предлог има врска со албанофобијата “, рече Османи.






