Се додека некој ги користи демократските инструменти за водење политика и начини, тоа е прифатливо. Првиот момент кога нема да ги користи, тогаш ќе мора државата да реагира, заклучи Мицкоски.
Во вечерашното издание на поткастот „ВМРО-ДПМНЕ зборува“, претседателот на Владата и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упати сериозна критика кон ДУИ, посочувајќи дека партијата се наоѓа на пат на радикализација и криминализација.
Според Мицкоски, стратегијата на ДУИ е погрешна, а перцепцијата на јавноста за партијата е драстично изменета во споредба со минатото.
„Мислам дека ДУИ е политичка партија која што во моментот претставува опасна закана и претставува радикален милитанен елемент, не само овде кај нас во Македонија, туку и регионално“, изјави Мицкоски, додавајќи дека тие не се свесни дека времињата се драстично променети и дека нивната стратегија од пред 17-18 години повеќе не е применлива во денешниот контекст.
Мицкоски истакна дека денешната политичка и јавна перцепција за ДУИ, како во Македонија така и кај стратешките партнери на Македонија, е сосема различна од она што било во минатото. Мицкоски упати сериозни забелешки за начинот на кој ДУИ продолжува да функционира, а особено критичен е случајот со Артан Груби, кој, како што истакна, е ставен на црната листа на санкции на САД поради корупција и криминал.
„Бидејќи ирелевантно и тотално е неважно што ВМРО-ДПМНЕ мисли, ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која што си има свој став, и разбирам дека можеби за нив е тоа ирелевантно. Но треба да бидат свесни дека ставањето на Груби на листата на санкции на САД, поради причини кои се тесно поврзани со криминал и корупција, автоматски подразбира дека целокупната нивна структура е контаминирана со криминал и корупција во очите на нашите стратешки партнери“, нагласи Мицкоски.






