Мора да го штитиме процесот на пристапување кон ЕУ од натамошна билатеризација, бидејќи таа станува проблем и за самата Европска Унија, вели во интервју за МИА министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
-Билатерализацијата на процесот на пристапни преговори во Европската Унија не станува проблем само за земјите кандидати, туку почнува да станува сериозен проблем и за самата Унија, особено сега кога при затворањето на поглавјата на Црна Гора и Хрватска најави одредени блокади. Исто така, и за други земји кандидати во најава има одредени блокади и билатерализацијата на процесот на пристапување во Европската Унија не создава штета само за земјите кандидати, туку и за Европската Унија, вели Муртезани.
Тој посочува дека земјите-членки и институциите коишто ја претставуваат Унијата се свесни за овие проблеми и нашите аргументи ги слушаат со големо внимание.
-Ние на неколку наврати заедно со премиерот сме се обиделе да објасниме дека преземените обврски во однос на спроведувањето на уставните измени стојат како такви, постои политичка волја и спремност тие да се носат, меѓутоа притоа мора ние да го заштитиме процесот од понатамошна билатерализација, особено од една дополнителна причина бидејќи дизајнирањето на процесот на пристапување е при спроведување на одредени реформи и одредени европски стандарди, нагласува Муртезани за МИА.






