Буџетот е со рекордни 5,89 милијарди евра, дефицитот скокна на 720 милиони
Министерката Гордана Димитриеска-Кочоска ги презентира проекциите за ребалансот на буџетот
Владата стокми ребаланс на Буџетот кој ќе тежи рекордни 5,89 милијарди евра (постојниот е околу 5,5 милијарди евра), со огромен буџетски дефицит кој од 585 се зголемува на 720 милиони евра. Приходите во Буџетот се проектирани на 5,17 милијарди евра, за околу 130 милиони евра повеќе од основниот буџет.
Сето тоа во услови на намалена економска активност годинава, односно со проектиран раст на домашниот бруто производ од 2,1 отсто наместо првично проектираните 3,4 отсто.
Инфлацијата годинава се предвидува да биде на ниво од 3,5 отсто. Растот се очекува да биде придвижен од домашната побарувачка, додека нето извозот се очекува да има негативен придонес врз растот.
Ова се главните поенти на денешната прес-конференција на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, на која таа ги презентираше проекциите за приходите и расходите во државата каса до крајот на годината. Нејзина генерална оцена е дека состојбите кои биле затекнати во Буџетот биле крајно лоши.
„Лошата состојба во буџетот ги надмина и нашите очекувања, затекнуваме состојба која значи држава во хаос и долгови, буџет кој е список на желби, наместо креиран развој, предимензионирани плаќања, економијата е во клиничка смрт“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.
Таа посочи дека се ревидирани макроекономските проекции, односно растот на домашниот бруто производ годинава ќе изнесува 2,1 отсто, што е ревидирање надолу од првично планираните 3,4 проценти.
„Остварувањата во првиот квартал од 2024 година како и одредени статистички индикатори за вториот квартал јасно покажуваат дека првично проектираниот БДП е неостварлив. Инфлацијата е предвидена на ниво од 3,5 проценти, додека пак растот на нето платите е предвиден за 13 проценти“, рече министерката.
Таа посочи дека во првиот квартал од 2024 година економската активност забележа реален раст од 1,2 проценти со што продолжи динамиката од претходните кваратали, која резултираше со низок просечен раст од 1 процент во текот на 2023 година.
Индустрискиот сектор во истиот период забележа пад од 1,2 проценти, градежната активност пад од 2,5 процвенти, земјоделскиот сектор регистрира двоцифрен пад од 19,7 проценти, по падот од 15,3 проценти во претходниот квартал, со што продолжуваат негативните остварувања во овој сектор, оцени Димитриеска-Кочоска.
Исто така, нето извозот бележи негативен придонес врз економскиот раст во првиот квартал годинава, во мај извозот на стоки бележи пад од фрапантни 21,6 проценти.
Растот се очекува да биде придвижен од домашната побарувачка, додека нето извозот се очекува да има негативен придонес врз растот.
Димитриеска-Кочоска рече дека во текот на втората половина од годината се очекува понатамошно забавување на растот на инфлацијата, односно стабилизирање на цените на храната и на енергијата, како и поумерен притисок од базичната инфлација.
„При подготовка на ребалансот се тргна од неколку претпоставки, односно колку средства може да се прераспределат во веќе постоечкиот Буџет од ставки кои бележат слаба реализација, планирање на средства за кои иако имало законска обврска, не биле планирани, како и доспеани обврски кон граѓаните и бизнисот“, рече Димитриеска Кочоска.
Таа појаснии дека врз основа на направената прераспределба се обезбедени околу 20 милијарди денари, а дополнително уште 11 милијарди денари се планирани за покривање на досепаните обврски, како и на обврски кои биле законски, а не биле планирани.
„Тоа резултира буџетскиот дефицит да се зголеми за 11,156 милиони денари“, рече Димитриеска Кочоска.






