Македонија Новости Став Топ Вести

Неопходно е доуредување во областа на платеното политичко рекламирање во онлајн медиумите

Неопдхоно е доуредување во областа на платеното политичко рекламирање за време на изборните кампањи во онлајн медиумите, е заклучокот од денешната конференција „Кликови, пари и влијание: улогите и одговорностите на онлајн медиумите во изборите“ во организација на Метаморфозис Фондација во соработка со Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), кој се спроведува во рамки на проектот „Пари, медиуми и избори во Македонија.

Главниот државен ревизор Максим Ацески нагласи дека има потреба од подобрување на Изборниот законик, а во суштина тој како што рече, го донесуваат клучните политички актери без да се консултираат со врвната ревизорска институција и надлежните државни органи.

– Имаме потреба од доуредување на областа на платеното политичко рекламирање, бидејќи и покрај тоа што неколку години укажуваме, досега не се преземени активности за доуредување на оваа област, а посебно во делот на интернет порталите. Мора да постои надлежен орган за следење, известување преку електронските медиуми, а пред се интернет порталите. До се доуредат условите и критериумите кои се потребни да ги исполнуваат електронските медиуми за да имаат можност да аплицираат за платено политичко рекламирање во Државната изборна комисија. Да се пропишат јасни и прецизни критериуми за распределба на буџетските средства и доуредување на делот на казнената политика, рече главниот ревизор.

Ацески истакна дека во однос на делот остварени приходи по извори, можеме да констатираме дека за седум учесници во претседателските избори,  остварени се 7.479.250 евра, додека 17 учесници во изборната кампања на претседателските избори остварени се 6.268.000 евра.

– Ако ја погледнеме структурата на обезбедените средства за изборната кампања ќе констатираме дека најголемо учество имаат приходите од буџетот на Република Македонија , а тоа е дека изборната кампања за претседателските избори се финансирала со 77 отсто средства од буџетот на државата, односно средствата на даночните обврзници, а додека изборната кампања за парламентарните избори се финансирале со 63 отсто од средствата на даночните обврзници. Процесот на распределба секогаш го уредуваат најголемите политички парти од власта и најголемите политички партии од опозицијата. Вкупните средства за претседателските избори изнесуваат 5.760.000 евра, додека во првиот круг исплатени се 4.010.000 евра, а во вториот круг исплатени се 1.749.000 евра.За интернет и печатените избори во првиот круг, односно за платено политички рекламирање се исплатени 20 отсто средства од претседателските избори, а за парламентарните избори за печатените медиумите изнесува 22 отсто. Најголемо учество во распределбата или добиените средства учествуваат телевизиите, рече Ацески. 

Зоран Трајчевски, директор на Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), истакна дека во тек на процес е изменување и дополнување на Законот за медиуми со кој, како што рече, ќе се обезбеди препознавање на онлајн медиумите, интернет порталите во медиумската легислатива и ќе се утврдат нивните права и обврски. Целта, како што посочи, е да се придонесе кон зголемување на професионалноста на онлајн новинарството, зголемување на кредибилитетот на онлајн медиумите, намалувањето  на протокот на дезинформации и лажни вести. 

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *