Во контекст на европската поддршка, министерот Мисајловски го спомена четвртиот европски пакет кој за прв пат вклучува активности за развој на инфраструктурата на армискиот полигон „Криволак“ кој е исклучително важен ресурс за обука и извежбување за македонската Армија, сојузниците и партнерите.
Македонската Армија не само што е гарант на мирот и безбедноста на земјата, туку и активно придонесува кон зацврстувањето на регионалната и колективната безбедност, а одбраната силно инвестира во развојот на капацитетите на Армијата- рече министерот Владо Мисајловски на денешната министерска средба во Брдо, Словенија, во формат министри за одбрана на Централноевропската одбранбена соработка и Западниот Балкан.

Мисајловски, како што соопшти Министерството за одбрана, се задржа и на севкупните инвестиции во одбраната и активностите поврзани со одбраната и безбедноста.
-Со инвестиција од 2 проценти во одбранбениот буџет и силните инвестиции во воената мобилност преку изградбата на коридорите 8 и 10, земјава не само што ги исполнува во целост своите обврски кон заедничката Алијанса, туку и на терен ја зацврстува безбедноста и стабилноста на поширокиот регион- рече Мисајловски и додаде дека „воената мобилност ја сметаме за еден од клучните фактори што ја овозможуваат европската и евроатлантската безбедност“.
Во контекст на европската поддршка, министерот Мисајловски го спомена четвртиот европски пакет кој за прв пат вклучува активности за развој на инфраструктурата на армискиот полигон „Криволак“ кој е исклучително важен ресурс за обука и извежбување за македонската Армија, сојузниците и партнерите.

Во своето обраќање Мисајловски се осврна на потребата од континуирано зацврстување на регионалната безбедност при што нагласи: „Стабилен Балкан значи стабилна Европа“, посочувајќи ги мисиите на НАТО, КФОР, на Косово и на ЕУ АЛТЕА во Босна и Херцеговина во чии рамки придонесуваат и македонските војници и додаде дека низ годините регионот се трансформираше од увозник во извозник на мир, стабилност и безбедност.
-Интеграцијата на земјите од Западен Балкан во одбранбените иницијативи на Европската Унија дополнително ќе ја зајакне регионалната стабилност и севкупната безбедност на Европа – рече Мисајловски во контекст на одбранбената соработка во Централна Европа и Западниот Балкан и додаде дека земјава „поддржува поголема вклученост на балканските партнери во релевантните одбранбени иницијативи и инструменти на Европската Унија.“
Министерот Мисајловски денеска учествуваше и на средбата во формат земји – учеснички во Балканските медицински наменски сили, каде говореше за успешноста на оваа иницијатива, но и за потребата од носење на одлуки со кои ќе се зголеми визибилноста на овие регионални сили.






