Никој не е сам во НАТО. Вашите сојузници и пријатели се со вас. Ќе ве браниме и вас и сојузниците ако бидете вовлечени во кризата што ескалира деновиве на Блискиот Исток, беше пораката на генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте за време на денешната посета на Македонија и по средбата со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
„Нашата посветеност кон регионалната стабилност е јасна – нема да дозволиме да се појави безбедносен вакуум. НАТО е посветен на заштита на сите свои сојузници од каде и да доаѓаат предизвиците. Знам дека можеме да сметаме на Македонија да го одигра својот дел“, потенцираше Руте на прес-конференцијата.
Тој ја нарече Македонија верен и вреден сојузник на НАТО која придонесува за безбедноста на источното крило на Алијансата.
„ Македонија издвојува повеќе од 2 проценти за одбраната од својот БДП. Ова е огромен напредок и земјата дава свои заложби за да стигне до 5-те проценти, како што беше ветено. Мораме да ги зголемиме придонесите кон одбраната и целосно да се опремиме за активностите на НАТО“, рече Руте, поздравувајќи ја наедно и поддршката на Македонија за Украина.
Според претседателката Сиљановска, самото присуство на првиот човек на НАТО во земјава е јасен показател дека НАТО е со нас и дека Алијансата ќе ги брани сите нејзини членки колку бидат нападнати. Според неа, денешните сложени безбедносни околности бараат будност, подготвеност, јакнење на инструментите за рано предупредување и посилни и одржливи инвестиции во одбранбените капацитети.
„Во овој момент, затоа е и генералниот секретар на НАТО тука, неопходно е во рамки на НАТО да се надминуваат или да се усогласуваат разликите за да се обезбеди кохезија врз основа на заедничките вредности и принципи врз кои е втемелено НАТО“, потенцира претседателката.
Таа изрази уверување дека НАТО не е само воен сојуз туку задница на споделена одговорност, но и најважно – на заедничка визија во која ние продолжуваме да бидеме одговорна членка на Алијансата.
„Како кредибилен сојузник ние го спроведуваме планот на инвестиции во одбраната. Потенцирам дека не се во прашање проценти и бројки туку инвестиција во заедничката одбрана и безбедност. Активно придонесуваме кон одбранбената позиција на НАТО и со тоа демонстрираме дека безбедноста е заедничка одговорност“, рече претседателката.
Сиљановска истакна дека најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан е неговата итна и целосна интеграција во ЕУ, и поради тоа, како што рече, очекува на претстојниот самит на НАТО во Анкара особено внимание да биде посветено на безбедносната состојба на Западен Балкан со оглед на актуелните предизвици.
„Мора да ставиме крај на вештачките причини и причините од идентитетски карактер за членство во ЕУ и да се фокусираме на Копенхашките критериуми. Најголемата инвестиција и гаранција не само за нашата безбедност туку и за безбедноста на Европа во целина е нашето членство и членствот на Западен Балкан во ЕУ“, нагласи претседателката.
Запрашан за коментар околу фактот дека земја членка на НАТО (САД) го нападна Иран. Руте рече:
„Да бидам јасен. Иран е блиску до стекнување нуклеарни и балистички ракетни капацитети, што претставува закана не само за Блискиот Исток, егзистенцијална закана за Израел, туку и за Европа. Исто така, знаеме дека Иран, како извозник на хаос, е одговорен за децении терористички напади и обиди за атентат. Зборувам за режимот, а не за иранскиот народ. Можам да ве уверам дека НАТО ќе ја брани секоја педа од територијата на Алијансата. Нашите команданти и мажите и жените во униформа работат на ова секој ден, применувајќи пристап од 360 степени, вклучително и против секоја закана што доаѓа од тероризам. На сите ни е подобро поради слабеењето на нуклеарните и ракетните капацитети на Иран и поради фактот дека Хамнеи повеќе не е таму, а беше одговорен за илјадници смртни случаи само оваа година кога имаше протести против режимот“, рече Руте, за да не остави простор дека ја гледа како легитимна интервенцијата на САД и Израел.






