Локалните избори одржани на 19 октомври беа конкурентни и на гласачите им овозможија вистински избор меѓу различни политички алтернативи
Локалните избори одржани на 19 октомври беа конкурентни и на гласачите им овозможија вистински избор меѓу различни политички алтернативи, но беа засенети од правни недостатоци, ограничени институционални капацитети и висока политичка поларизација, соопштија меѓународните набљудувачи во денешната изјава за прелиминарните наоди и заклучоци.
Според заедничката набљудувачка мисија на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР), Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа и Европскиот парламент, изборите се одвивале во атмосфера на разочараност од политиката и широко распространети перцепции за корупција.
Шефот на мисијата за набљудување на изборите на ОДИХР, Матео Мекачи, посочи дека иако изборната администрација генерално ги спровела подготовките ефикасно и во согласност со законските рокови, празнините во законодавството, застарената инфраструктура и ограничените ресурси негативно влијаеле врз нејзината работа.
– Беше добро да се види конкурентна кампања во изминатите недели и добро организиран, претежно мирен изборен ден, но и натаму остануваат загрижувачки недостатоците во изборното законодавство кои го поткопуваат работењето на институциите, рече Мекачи.