Одлуката за спојување на концесиите за рудникот Иловица, дене пред Владата

Владата денеска на седница ќе ја преиспитува Одлуката за спојување на концесиите за рудникот Иловица-Штука. Се очекува министерот за економија Крешник Бектеши да даде поопширна информација околу натамошната постапка.
Во саботата, со блокирање на централната градска крстосница во Струмица, активисти и граѓани го искажаа своето незадолство од одлуките на судовите и Владата за спојување на концесиите за експлоатација на минерални суровини на локалитети во општините Босилово и Ново Село. Испратена беше пораката дека во ниту еден момент никој не смее да помисли дека е можно отворање рудник во Струмичко.
Премиерот Димитар Ковачевски го повтори ставот на партијата и на Владата, дека ако граѓаните не сакаат, рудник нема да има. Според него, концесиите се дадени во времето на ВМРО-ДПМНЕ, во 2012 и 2013 година, а СДСМ, како што напомена, и денес е против отворање рудници.
Вчера се огласија и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Во меѓувреме реагираа и некои политички партии. ЛДП ја осуди Одлуката за спојување на концесиите и информира дека е против отворање на рудникот Иловица. Партијата преку соопштение потсети на правото на безбедна, здрава животна средина и наведе дека им се придружува на граѓаните во изразувањето незадоволство.
-При носење одлуки за вакви прашања, мора да се земе предвид ставот на регионалното население, реагира ЛДП и оценува дека ниту еден профит никогаш не може да го оправда компромисот за здравјето на граѓаните.
Според Демократскиот сојуз (ДС), пак, за спојувањето на концесиите мора да се понесе одговорност.
-Владата на предлог на министерот за економија донела едногласна одлука за спојување на концесиите на рудниците во Иловица, наводно по барање на инвеститорите од 2016 година. Дилемата е дали министрите од СДСМ биле манипулирани од министрите на ДУИ или немале храброст да се спротивстават, соопшти ДС.






