Македонија Новости Став Топ Вести

Тошковски : Ова што се случува со европскиот процес е неправда


Тоа што се случува со европскиот процес е повеќе од застој, тоа е неправда. Европската идеја не смее да се сведува на билатерални уцени, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервјуто за Независната балканска новинска агенција (ИБНА) и ја истакнува посветеноста на Владата на европските реформи на патот кон ЕУ, но и нагласува дека време е Европа да се соочи со прашањето: дали регионот навистина е дел од нејзината иднина и ако е така „тогаш вратите треба да се отворат со почит и партнерство, а не со нови барања и условувања“, јави дописничката на МИА од Атина.

Интервјуто на министерот за ИБНА е за време на неговата посета на општината Преспа во Грција, во четвртокот, кога започнаа работите за изградбата на граничниот премин Маркова Нога – Лемос во делот на грчка територија, а Тошковски говори и за ЕУ перспективата на земјава, за соработката со Грција, за мигрантското прашање, за Договорот од Преспа, но и за случуваењата во владината коалиција и нагласува дека „Владата е стабилна“.

За новиот граничен премин, Тошковски вели дека е повеќе од инфраструктурен проект, „тоа е симбол на зрелост, одговорност и европска перспектива“, но и доказ дека можеме да ја градиме иднината врз основа на заеднички интереси што ги носат нашите држави поблиску до Европа.

– За регионот на Преспа, ова значи нова енергија и економска и туристичка и културна. Локалните заедници на двете страни на границата добиваат нова шанса за развој, а државите покажуваат зрелост и визија. Овој премин нема да ги поврзува само двете држави, тој ќе ги поврзува луѓето, историите, природата и иднината претставувајќи вистински европски пример за прекугранична соработка, истакнува министерот.

Паралелно се осврнува и на неговто портфолио и соработката со јужниот сосед, нагласувајќи дека „и покрај политичките турбуленции во минатото, полициската соработка меѓу двете земји е на навистина високо ниво“.

Додава дека двете Министерства за внатрешни работи имаат активна, континуирана и практично ориентирана комуникација, особено, како што вели, во делот на размена на информации, заеднички оперативни активности и справување со прекугранични закани, а се осврнува и на разговорите со грчка страна за ситуацијата на грнаичниот премин Богородица – Евзони, нешто што беше и на агендата на неговата средба во Преспа со министерот за внатрешни работи на Грција Теодорос Ливаниос.

– Во наредниот период планираме да го интензивираме дијалогот со грчката страна за изнаоѓање одржливи решенија кои ќе го забрзаат протокот на патници на граничниот премин Богородица – Евзони, бидејќи токму тој е главната комуникациска артерија, не само за нашите граѓани, туку и за туристите и транспортните оператори од целиот регион. Брз и ефикасен премин таму е прашање на економија, на безбедност и на европска интеграција во пракса, објасни министерот.

Позитивно ја оценува соработката со Грција и во однос на мигрантското прашање за кое објаснува дека, ние, како земја се наоѓаме на една од клучните миграциски рути кон Европа и поради тоа имаме сериозна улога во справувањето со овој предизвик, а иако не сме членка на ЕУ, „постапуваме како вистински партнер, професионално, одговорно и во интерес на регионалната безбедност“.

– Со грчките власти постои оперативна комуникација, особено во делот на размена на информации и координација на активности. Но, реалноста е дека миграцискиот притисок најсилно се чувствува на нашата територија, каде што нашите сили ја вршат работата на првата линија. И со сигурност можам да кажам дека тоа го прават многу успешно, објаснува министерот и додава дека македонската полиција секојдневно ја штити јужната граница на Европа, што е „наш конкретен придонес кон европските вредности, не декларативно, туку на терен, со реални резултати“.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *