ДУИ реагираше на најавата за средба меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на најголемата опозициска партија СДСМ, Венко Филипче утре попладне во владата, нарекувајќи ја „јавен флерт“.
„Изразуваме силна загриженост поради сѐ понагласената моноетничка доминација која власта ја демонстрираше во првата година од своето владеење, а сега веќе на јавна сцена ја вклучува и етничката македонска опозиција во својата намера. Јавноста е просто згрозена од овој јавен флерт на Мицковски и Филипче, за полноќни средби во политички интимна атмосфера на која ништо помалку туку ќе се крои планот за нов општествен договор за регулација на идните политички текови“- соопштија попладнево од опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ).
„Република Северна Македонија претставува препознатлив модел на функционална мултиетничка демократија со јасно изразена евроатлантска ориентација. Овој систем на вредности е внимателно вткаен во трите темелни документи на земјата како што се Охридскиот Рамковен Договор, Преспанскиот договор и Договорот за пријателство со Република Бугарија, зад чие спроведување како гаранција стојат нашите стратешки партнери ЕУ и САД“, велат од партијата.






