Македонија Новости Став Топ Вести

Филипче ќе соопшти детали за лидерската средба


Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска се очекува на прес-конференција да ги соопшти деталите за лидерската средба што ја побара минатата недела. Партиите ја чекаат поканата од Филипче и да ги слушнат деталите за лидерската средба по што ќе се знае каков став ќе заземат по ова прашање.

Лидерот на СДСМ на Донаторската вечер за помош на семејствата на настраданите и повредените во пожарот во Кочани минатата недела најави дека во Собранието ќе ги повика лидерите на најголемите политички партии на средба на која ќе им го презентира планот, односно што треба да се направи за државата бидејќи, како што рече, „очигледно е дека конвенционалните начини на водење на политика, на политичка борба, не даваат доволно брзо резултати“.  

– Не се доволни само зборовите дека ни е потребно единство, дека ни е потребно некакво обединување. Тоа треба да го претвориме во вистински дела и вистински чекори зашто тоа е нешто што најмалку може да го направиме за 60-те семејства, 59 кои останаа без деца, другите кои имаат стотина деца на лекување и, секако, целото општество кое гледаме сега како бара некакви промени. Младите излегуваат на улица и бараат промена, а младите се категорија граѓани кои не ги интересира ниту минатото, ниту сегашноста, туку ги интересира иднината. И ние треба добро да размислиме како политичари што треба да направиме, рече Филипче.

Премиерот Христијан Мицкоски викендов кажа дека предлогот на претседателот на СДСМ Венко Филипче за лидерска средба е пресериозна тема за да се разговара преку медиуми. Тој рече дека е подготвен да го прими и да поразговараат на оваа тема.

– Од тоа што можев да разберам во јавноста е дека Филипче има некаков Предлог план. Тој може да го соопшти тој план преку прес-конференција, но, доколку цени дека и мене претходно треба да ме информира и запознае, јас сум секогаш тука. Сериозните теми бараат сериозен пристап, рече Мицкоски.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *