Македонија Новости Став Топ Вести

Јаневска: МОН ги објави конкурсите за стипендии

Владата и Министерството за образование и наука продолжуваат да обезбедуваат финансиска поддршка за граѓаните на Македонија кои ќе се запишат на додипломски, постдипломски или докторски студии на некој од најдобрите светски универзитети според Шангајската ранг листа. Конкурсите за доделување на стипендии за академската 2025-2026 година се објавени, а крајниот рок за аплицирање е 12 септември.

За ова денеска информираше министерката за образование и наука Весна Јаневска, која потсети дека станува збор за мерка што веќе 15 години ја спроведува државата, но овој пат, со одредени модификации на условите за корисниците по стекнувањето на дипломата.

Целта на измените е да се обезбеди ефективност на оваа мерка која, чини многу пари, ако се има предвид дека студирањето на најдобрите универзитети е исклучително скапо и на годишно ниво исплаќаме до 40.000 американски долари само за покривање на уписнината, а дополнително се покриваат и трошоците за живот, сместување и превоз на нашите студенти – рече Јаневска.

На конкурсите можат да аплицираат македонски граѓани кои во академската 2025/2026 година ќе се запишат на еден од првите десет рангирани универзитети од сите области, односно на еден од првите сто рангирани универзитети од областа на техничките науки, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното право, економијата и финансиите, физиката, биологијата, хемијата, медицинските науки и генетиката, согласно последната објавена листа на Центарот за универзитети од светска класа при Шангајскиот Џио Тонг универзитет.

Кандидатот треба да има соодветно претходно образование и соодветен просечен успех кој е наведен во конкурсот и да не е корисник на било каква стипендија од друг давател во моментов. За стипендистите останува обврската по стекнувањето на дипломата, да се вратат во Македонија и да работат двојно повеќе време од времето на студирањето.

Има неколку новини во конкурсот. По враќањето стипендистите треба да се пријават во МОН и за прв пат, да се регистрираат на посебен дигитален регистар (e-registar.mon.gov.mk), што го воведуваме оваа година, а кој ќе биде споделен со државните органи, универзитетите и стопанските комори, во насока на полесно наоѓање соодветен работен ангажман. Ако на студентот не му биде понуден ангажман во рок од шест месеци, не му престанува обврската да работи во државата – информираше Јаневска.

Ако пак студентот, во рок од три месеци по дипломирањето се вработи во некоја компанија од Fortune top 500 листата во странство, тогаш надвор од Македонија може да остане најмногу до три години, со цел, како што рече министерката, стекнување на меѓународно корпоративно искуство, по што почнува да му тече обврската да работи во својата држава двојно повеќе време од времето на студирање.

Доколку кандидатот одлучи да не се врати во државата, односно не ги исполни обврските од потпишаниот договор, ќе мора да ги врати средствата, онолку колку што министерството му исплатило за студирање и тоа најдоцна во рок од две години по завршувањето на студиите. Во минатото се бараше враќање на десеткратно поголем износ, што всушност беше неприменлива договорна одредба – додаде министерката.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *