Македонија Новости Став Топ Вести

Фрчкоски на боледување, го чекаат на консултации во МНР


Освен ситуацијата во Постојаната мисија на ОН во Њујорк, имаме индиции за финансиски злоупотреби уште во најмалку две дипломатско-конзуларни претставништва на државава во странство, изјави вечерва министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, без да прецизира за кои амбасади станува збор.

-За жал, јас имам идентификувано уште неколку други случаи на непрофесионално работење, Морам да констатирам, во последните неколку недели утврдивме и неколку дополнителни случаи на сериозни недоследности. Не би можел тука да кажам каде, пред се и заради почит кон државите каде што тие поединци се акредитирани, но имаме и други ситуации, како ситуацијата со Постојаната мисија во Њујорк, на финансиски злоупотреби од страна на нашите амбасадори. Ќе воспоставиме повисоки стандарди за работење на нашите амбасадори, на тој начин штитејќи го нашиот имот и буџет. Верувам во процедурите, имаме индиции и ќе им дадеме шанса да ги кажат и своите аргументи и тие да ги приложат нивните докази, но генерално кога се финансиските прашања во прашање тогаш најчесто се многу јасни работите, дури и ноторни, но ние мора да спроведеме внатрешна процедура и внатрешна ревизија бидејќи мора да ги имаме највисоките стандарди за нашите претставници надвор од државата, нагласи Муцунски.

На прашањето дали се остварени консултациите во МНР со амбасадорите Весел Мемеди, Љубомир Фрчкоски, Андреј Жерновски и Данчо Марковски, кажа дека се остварени консултации со тројца од овие амбасадори. Наведе дека единствено со Фрчкоски не се остварени консултации, бидејќи, како што информира, тој отворил боледување.

-Тоа не значи дека постапката се одоговлекува. Таму имаме сериозни индиции за финансиски злоупотреби на буџетски средства кои се на МНР и факт е дека ние во моментов спроведуваме ревизија на работењето на Постојаната мисија во Њујорк. Јас му посакувам побрзо оздравување, како и на секој човек што го познава, но тоа не значи дека не следува процес на утврдување на одговорност за сериозни тенденции што ги имаме за злоупотреба на финансиски средства од страна на Мисијата, во времето додека ја раководи амбасадорот Фрчкоски, подвлече Муцунски.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *