Од судот, детално се осврнаа на случајот, велејќи дека со бројните политички коментари и преписки дополнително се поткопува довербата на јавноста
Кривичниот суд ја нарече предимензионирана медиумската покриеност на екстрадиционата постапка на Блерим Рамадани кому му беше определена мерка куќен притвор, по што побегна во Косово.
Од судот, детално се осврнаа на случајот, велејќи дека со бројните политички коментари и преписки дополнително се поткопува довербата на јавноста, но и бројните експертски коментари кои дадоа свое лично видување на настанот без притоа да ја анализираат фактичката состојба.
„Факт број еден е дека станува збор за странски државјанин, кој се терети за сторено кривично дело во друга земја, Косово, а се бара да биде екстрадиран во Србија. Судскиот систем во нашата земја не е директно засегнат од исходот на оваа постапка со оглед на тоа што на ова лице не му се суди во земјава и нема оштетени македонски државјани. Сепак обврска на РСМ е во започнатата екстрадициона постапка да го почитува меѓународното право за што веќе има воспоставена судска пракса.
Имено во идентичен ваков случај со лицето Томора Морине од 2019 година, кој не бил екстрадиран во Србија бидејќи е косовски државјанин и делото за кое се терети било сторено во Косово. Поради тоа, надлежноста за водење на постапката ја има Косово, одлука која била потврдена од Врховниот суд“, велат од судот.
Според судот, факт е дека Рамадани бил во активен притвор со решение на судија на претходна постапка од 17 јули до 1 август, или 15 дена, односно, согласно досегашната судска пракса за овие случаи, тоа е максималното време кое некое лица го поминало во екстрадиционен притвор.
„При донесување на решението, судијата имал предвид дека: имајќи ја предвид веќе воспоставената судска пракса за постапување на нашите судски органи при идентично исти случаи, односно на лица на кои првично им било определена мерка притвор, во сите одлуки на Кривичниот совет при надлежните судови е утврдено дека не се исполнети законските претпоставки за екстрадиција, а овие одлуки се потврдени од Врховниот суд на РСМ, согласно законските одредби, може да биде обезбедено со поблаги мерки како куќен притвор, мерки за обезбедување присуство или гаранција. – што е наведено во решението, додека надзорот над куќниот притвор, согласно решението се доверува на МВР односно надлежната полициска станица. Па заради тоа одговорноста ( системска или индивидуална ) за бегството треба да се бара кај органот кој го врши надзорот“, велат од судот.






