Потпретседателот на ДУИ и поранешен министер во неколку влади, Бујар Османи, нема информација каде се наоѓа Артан Груби, по кого е распишана меѓународна потерница како осомничен во случајот „Државна лотарија“. Османи во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 рече дека тој не знае ниту дали Груби има државјанство на Албанија, но порача дека „постапките на поединци не ја дефинираат целата партија“.
„Партијата ја дефинираат принципите, ја дефинираат политиките, колективните одлуки коишто таа ги носи во тој дел. Мислам дека не може да се најде нешто спорно во однос на политиките на ДУИ, посебно во однос на антикорупциската политика“, оцени Османи во интервјуто.
На забелешката дека Артан Груби не беше кој било поединец туку есна рака на лидерот Али Ахмети, дека палеше и гасеше на политичката сцена во изминатите неколку години од името на ДУИ, беше прв вицепремиер и можеби една од најмоќните, ако не и најмоќна политичка фигура во еден период, Османи рече дека секој што го прекршил законот треба да одговара, а згрешил што избегал од државата.
„Секој за којшто ќе се докаже во правна постапка дека го прекршил законот, треба да сноси одговорност. Немаме дилема во однос на тоа, секој. Меѓутоа многу е важно тоа да биде во еден непристрасен, политички неинструментализиран процес. Така што, еве, ако ме прашувате зошто бегал, јас мислам дека згрешил што бегал. Требало да остане, да се соочи и да си ја каже својата вистина. Партијата не може да сноси одговорност за 34 илјади членови и нивните постапки“, порача Османи.






