ДУИ ќе ја почитува одлуката на Стејт департментот за Груби, СДСМ ја поздравува
Реакцијата на Демократската унија за интеграција по одлуката на Стејт департментот на црната листа да биде ставен високиот функционер на партијата, клучен соработник на Али Ахмети и поранешен прв вицепремиер Артан Груби.
Од ДУИ денеска велат дека ќе ја почитуваат одлуката на Стејт департментот. И додаваат:
„Како партија, остануваме посветени на стратешката соработка со Соединетите Американски Држави и на зајакнување на демократските вредности и транспарентноста“.
Ова е сериозен удар за партијата која постојано се колни во приврзаноста кон САД и политиките на Вашингтон. Покрај Груби, на црната листа се најде и судијата во Апелацискиот суд во Скопје, Енвер Беџети. Тие се назначени на оваа листа поради наводно примање поткуп во врска со судските процеси поврзани со ексдиректорот на поранешната УБК, Сашо Мијалков. Беџети го чуваше во фиока предметот за прислушувањето „Таргет-Тврдина“ девет месеци по што тој застаре.
СДСМ доцна синоќа ја поздрави одлуката на Стејт департментот за ставaње на нови лица на црната листа.
„СДСМ ја смета за исклучително значајна поддршката на стратешките партнери на Северна Македонија во борбата против корупцијата и криминалот. Сите сомнежи за корупција мора да бидат истражени и санкционирани без компромис од страна на правосудните органи во Северна Македонија. Го охрабруваме целиот правосуден систем во државата да работи посветено и без двоумење на расчистување со сите форми на криминал и корупција, со цел да обезбеди праведност и еднаквост за сите граѓани“, рече опозициската партија во своето соопштение.






