Фискалниот совет: Oдење во пензија на 67 години и зголемување на придонесот за пензиско
Од Фискалниот совет предупредуват дека линеарното зголемување на пензиите два пати по
Фискалниот совет во Мислењето во врска со Фискалната стратегија за периодот 2025 -2029 година, предлага зголемување на старосната граница за пензионирање од сегашните 64 години на 67 години и тоа почнувајќи од 2026 година, како една од мерките која ќе придонесе стабилизирање на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Исто така, се предлага и зголемување на придонесот за пензионирање. Од Фискалниот совет предупредуват дека линеарното зголемување на пензиите, за 2.500 денари годинава и уште толку во март идната година, сериозно ја доведува во прашање стабилноста на ПИОМ.
„Фискалната одржливост на Фондот за ПИОМ претставува посебен фискален ризик. Имајќи го предвид значителното намалување на невработеноста, недостатокот од квалификувана и професионална работна сила Фискалниот совет цврсто препорачува од почетокот на 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање за мажи и жени на 67 години и истовремено да се зголеми стапката за пензиско осигурување за 0,7 процентни поени, односно да изнесува 19,5%“, се вели во Мислењето на Фискалниот совет доставено до Собранието, каде што треба да се разгледува и Фискалната стратегија.
Потоа, како што додаваат од Фискалниот совет, во 2027 година би се направила дополнителна анализа на фискалната одржливост на ФПИОМ и во зависност од трендот и потребата би требало постепено да се зголемува стапката на најмалку 21% до 2029 година.
Од Фискалниот совет посочуваат дека определбата за задржување на истите стапки на пензиско и инвалидско осигурување со значителното линеарно зголемување на пензиите на два пати по 2.500 денари не само што ќе го зголеми јазот помеѓу приходи од придонеси и расходи за пензии, а со тоа и потребата за покривање од Буџетот на државата, туку на подолг рок уште повеќе ќе ја наруши фискалната одржливост на ФПИОМ.
Фискалниот совет е на мислење дека за одржување на ФПИОМ, намалување на фискалните ризици и консолидација на буџетот во наредниот среднорочен период, потребни се дополнителни мерки, како зголемување на работниот век на вработените, така и постепено (макар и благо) зголемување на стапката на придонесот за ФПИОМ (тековно е 18,8%), која моментално е за 2,4% помала во однос на 2008 година кога изнесуваше 21,2%.
Кога на оваа би се додало стареењето на населението, а со тоа и секоја година зголемувањето на бројот на пензионери за околу 1.500-1.700 нови пензионери секоја година, придружено и со преференцијата за емигрирање на младите во странство, а со тоа и релативно намалување на покриеноста на пензионите приходи со наплатените придонеси, проблемот уште повеќе станува комплексен.
Фискалниот совет е независно тело што изработува анализи и мислења за макроекономските и за фискалните претпоставки користени за изработка на Буџетот на државата и фискалната стратегија.