Премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани од денес ќе престојува во работна посета на Брисел. Тој, заедно со лидерите од Западен Балкан ќе присуствува на ручек организиран од претседателката на Европска комисија, Урсула Фон Дер Лајен и ќе оствари состанок со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, како и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи. Состанок е предвиден и со генералниот директор на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување Герт Јан Компан.
Целта на посетата, освен официјализирањето на планот за реформи на Владата поврзан со барањата од Планот за раст и воспоставување релација како нова власт со преставниците на Европската унија, е и да се престави иницијативата за репреговарање со Бугарија, пласирана како одложена примена на уставните измени. Веројатно со оглед на тоа дека Шарл Мишел е во заминување, а спорот не е во ресорот на Европската комисија колку што е во Советот, предлогот ќе биде преставен, но нема да биде ставен на хартија и поднесен како официјален документ, така што само ќе се опипува пулсот во Брисел.
Пред посетата на Брисел, од Министерството за надворешни рабвоти уверуваа дека има начин да се даде импулс на процесот на евроинтеграција „доколку сме внимателни и не избрзуваме“. Од тука уверуваат дека предлогот што ќе го изнесат во Брисел е веќе јавен и, уште повеќе, дека е напишан во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за изборите.
Во неа практично стои дека освен одложена примена на устабвните измени, кога Македонија ќе стане членка на ЕУ, се бараат и гаранции за македонскиот идентитет и еднаквост со Бугарија во правото и во обврските, т.е. реципроцитет околу малцинствата. Според МНР, на кој начин ќе се решава проблемот со преговорите е сепак прашање на техника (дали преку Брисел или во дијалог со Бугарија), но цврсто стојат на оценката дека одложената примена може да стане реална и без менување на Преговарачката рамка, па и без менување на заклучоците на Советот на ЕУ, дотолку повеќе што тие се политичка одлука, па не се непроменливи.






