Македонија Новости Став Топ Вести

Сиљановска: Името е во нераскинлива врска со срцето и умот


Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова смета дека нашата држава многу одговорно се однесува кон Преспанскиот договор, но не е сигурна дека тоа го прави Грција. „Таму ќе видите ‘Скопиа’, ‘Фиром’, но не и Северна Македонија, рече Сиљаноска во емисијата „Само интервју“ на Канал 5. Таа додаде дека Грција или ЕУ треба да ја советува Бугарија, зашто се тврди дека нема преговори за историја, култура, наследство и јазик, а ние, како што рече, токму тоа го правиме во историските комисии.

Во врска со тоа што на заклетвата за шеф на државата не кажа Северна Македонија, Сиљаноска Давкова нагласи дека не терала инает, ниту сакала некого да нервира, туку се однесувала сократовски.

„Името е најголемиот идентитетски знак и тоа излезе од мене. Знам што е право, но кога се пее химна луѓето плачат, држат раце на срце. Со името е нешто слично. Не разбирам како некои не сфаќаат дека со некои нешта не може да се биде рационален, има некоја нераскинлива врска меѓу срцето и умот и јас тоа го изговарам. Не сакам некого да нервирам, тоа е дел од мојот хабитус. Ако 60 години секогаш било Република Македонија. Не дека терам инает, се однесував сократовски. Во Изборниот законик името не е сменето, си пишува Република Македонија. Заклетвата е таму точно наведена, името е Република Македонија. Сакав да покажам дека придавка е придавка, а дека она што е суштинско е Македонија. Сакав да се држам до Преспанскиот договор чиј член 7, став 3 објаснува кога може да се употеби името Македонија, а тогаш е логична и придавката. Можеби за тоа придонесе фактот што претседателот на Собранието во неполни неколку минути 25 пати го употреби изразот Северна. Не ми е јасна таа логика“, рече Сиљаноска.

Во Швајцарија на средбата со Мицотакис рекла дека очекува двете земји да се однесуваат добрососедски, а изјавата на Нимиц дека треба да бидеме горди на новото име ѝ создала конфузија.

„Нимиц ми создаде конфузија со изјавата. Да речете некому да го прави горд името што не го избрал сам, зашто референдумот не беше успешен, мислам дека е неетички“, истакна Сиљаноска-Давкова.

Таа оцени дека нашата држава не е воопшто финансиско-буџетско оптоварување за ЕУ.

„Ние сме биле отсекогаш географски, историски и културно дел од ЕУ, сме докажале дека сме кооперативни, дури и водиме европска надворешна и безбедносна политика. Ако некој мисли дека во моментот кога ќе ги запишеме Бугарите во Преамбулата, готово, ќе тргне процесот, мислам дека е тоа повторно илузија“, рече Сиљановска Давкова.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *