Македонија Новости Став Топ Вести

Коѕијас: Грција да не гласа за влез на Бугарија во Шенген ако не го тргне ветото за Македонија


Придобивките од Договорот од Преспа, како за двете земји, така и за поширокиот регион, периодот на преговорите, спроведувањето и од Скопје и од Атина, ставовите на Нова демократија и ВМРО-ДПМНЕ, но и ЕУ перспективата на земјава, беа дел од темите во фокусот на двете одделни панел дискусиите на Меѓународната конференција за мир и одржлив развој во Атина во организација на „Институтот Алексис Ципрас“ и „Фондацијата Заев“, јави дописничката на МИА од Атина.

На едната панел-дискусија учествуваа поранешните премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев, а на другата медијаторот Метју Нимиц, и поранешните шефови на дипломатиите Никола Димитров и Никос Коѕијас.

Паралелно, на маргините на конференцијата, специјалниот пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации во разговорите за името Метју Нимиц, беше награден со „Преспа наградата за мир“, што му ја врачија Ципрас и Заев за неговиот придонес во решението меѓу двете земји, а генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш испрати видеопорака. 

Поранешниот премиер Зоран Заев на присутните им ја раскажа старата легенда за Преспанското езеро, приказната за заљубената девојката Преспа, коментирајќи дека наспроти легендата која е измислена, „нашиот договор е убава реалност“. Се осврна на наградите за мир што ги добија заедно со Ципрас и номинацијата за нобелова награда.

– Најголемата награда е самиот мир, истакна Заев.

Во однос на актуелната ситуација по промената на власта кај нас, упати пораки и до идниот премиер Христијан Мицкоски и до актуелниот грчки премиер Кирјакос Мицотакис.

За Мицкоски рече дека досега има потврдено дека ќе го почитува договорот, името ќе го користи писмено, „но нема потврдено дека усно ќе го користи уставното име“.

Нагласи дека без употреба на уставното име ќе го прекрши и Уставот на земјата и меѓународното право и го повика да покаже лидерство.

Од друга страна, за Мицотакис рече дека ако навистина го поддржува европскиот пат на Македонија, за кој се бореше во минатото, тогаш да ги ратификува трите меморандуми, од кои едниот се однесува токму на ЕУ перспективата и истакна дека во суштина, во пракса се спроведуваат, но грчкиот премиер „не сака да ги стави на гласање“.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *