Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, сподели повеќе од десет фотографии од пречекот на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, одржан во Скопје. На фотографиите, кои беа јавно објавени на неговите профили на социјалните мрежи, доминираат исклучиво албански знамиња, без присуство на државни симболи на Македонија.
Во објавата, Меџити наведува дека заедно со Спиропали положиле цвеќе кај бистата на Ѓерѓ Кастриот – Скендербег, на плоштадот што го носи неговото име, истакнувајќи почит кон „заедничката историја“ и кон фигурата која, како што пишува, го симболизира албанскиот идентитет, отпорот и единството. Според неговите зборови, моментот бил потсетник дека националните вредности треба да останат водилка и денес, во време на нови предизвици и одговорности.






