Македонија Новости Став Топ Вести

Османи: Европскиот фронт станува една голема локомотива за европската иднина

Претседателскиот кандидат на Европскиот фронт, Бујар Османи по завршување на првиот круг гласање од изборот за претседател на државата одржа прес-конференција со лидерите на партиите од коалицијата.

Османи изјави дека прелиминарните резултати покажуваат длабока победа на Фронтот, наспроти албанската опозиција со над 40 илјади гласа и со победа во речиси сите општини во земјата.

– Сакам да се заблагодарам на сите за поддршката за Европскиот фронт и за мојата кандидатура. Ова е заедничка победа и оваа победа само докажува дека Европскиот фронт станува една голема локомотива за европската иднина на нашата држава. Денес Албанците, Турците, Бошњаците, Ромите докажаа дека тие сами одлучуваат за својата судбина и никогаш нема да дозволат некој друг да одлучува за нив. Волјата на народот денеска е јасна и треба да се почитува од сите, истакна Бујар Османи.

Тој нагласи дека резултатите покажуваат на етничка поделеност при гласањето.

– Сè уште има впечаток дека граѓаните повторно не излегле целосно од етничката бариера помеѓу Македонците и другите етнички заедници што зборува сè уште за едно поделено општество, меѓутоа се надеваме чекајќи ги резултатите дека сепак граѓаните ја пратија пораката на заедништво коешто Европскиот фронт ја лансираше за Северна Македонија држава за еднакви можности на сите граѓани, соживот, хармонија и иднина во Европската унија, истакна Бујар Османи.

Тој се заблагодари на сите партии од Фронтот за довербата што ја добил да биде нивни кандидат, а во име на Фронтот на гласачите порача дека нивниот глас е аманет за партиите за идните политики на државата. 

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *