Фестивалот „Крај Вардарот џез 2024“ се реализира во чест на Мирко Попов
Од 20 до 27 април ќе се одржи петтото издание на „Крај Вардарот Џез“. Фестивал кој произлезе од големата љубов, визионерство и посветена работа на Мирко Попов и Владан Дробицки за интегрирање автори и изведувачи од македонската музичка сцена во сферата на џез, светска и современа музика. Годинашното фестивалско издание нуди исклучителна програма на македонска авторска музика селектирана од Попов и Дробицки, која излегува од границите на музичките жанрови, спојувајќи џез, електроника и современа музика.
Со длабок поклон, „Крај Вардарот Џез Фестивал 2024“ се реализира во чест на Мирко Попов. Визионер, иницијатор, куратор и организатор на фестивалот и целокупната музичка дејност поврзана со работата на „ПМГ Џез“, сублејбл за џез и светска музика на матичната дискографска куќа „ПМГ Рекордингс“. „ПМГ Џез“ зад себе има 46 изданија македонска музика.
Со голема жар и посветеност Попов и Дробицки работеа на програмата на годинашниот фестивал, чија реализација не успеа да ја дочека. Во негова чест, тимот на „Крај Вардарот Џез Фестивал“, со истиот ентузијазам и посветеност го реализира ова фестивалско издание. Симболично како во легендата за настанувањето на градот Скопје „Големата камена глава“ и соколот кој ги чувал луѓето во градот се додека нивната душа не стане посилна од силата на Љубомор за да го победат со сложност, Мирко Попов е соколот на Скопје. Како и во песната „Море сокол пие, Вода на Вардаро…!” која беше инспирација за името на фестивалот.
Програмата се состои од 3 вечери, кои ќе се реализираат во Македонската филхармонија и во едукативниот културен центар „Лабораториум“.






