Граѓанска петиција за одржување дебата помеѓу претседателските кандидати
Претседателските кандидати/Фото монтажа: Слободен печат
На веб-страницата change.org покрената е петиција за одржување дебата помеѓу претседателските кандидати. Петицијата досега ја имаат потпишано 253 граѓани, а целта е да се соберат 500 гласови.
-Дебатите претставуваат најдобар начин за кандидатите да ги претстават своите визии пред јавноста и да се соочат со визиите на противкантите на јавна сцена, во живо. Како и за граѓаните да се здобијат со подетални информации за тоа кои се нивните планови за управување на земјата. Ова им овозможува граѓаните да направат поинформирана одлука на 24 април, велат организаторите на оваа петиција.
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски, кој се трка за втор мандат ги покани неговите шест противкандидати на две мастер дебати, како форма на претставување и соочување со кандидатите со кои би се избегнале или би се намалиле обвинувањата и би се отворила можност сите седуммина да се соочат со своите програми за претстојната изборна трка.
Штабовите на останатите претседателски кандидати се согласиле да се одржи мастер дебата, но, дел од кандидатите имале услов на дебатата да не присуствуваат Стевчо Јакимовски кој се најде на „црната листа“ на САД и Билјана Ванковска, поради нејзините ставови за ЕУ и НАТО.
Поради вакви специфични барања, од штабот на Пендаровски соопштија дека сепак мастер дебатите нема да се одржат.
Дебатите беше предвидено да се одржат на неутрален терен, а да бидат пренесувани од националните телевизии, како и на социјалните платформи.
За изземање на дел од кандидатите, од штабот на Пендаровски изјавија дека тоа не е можно, бидејќи Државната изборна комисија потврди дека има седум кандидати. Исто така, наместо две дебати предвидено беше да се одржи само една, со предлог таа да биде на 10 април.






