Пендаровски: „Ако сака Мицкоски ќе кажам кои од неговите први соработници беа на прием кај мене“:
Претседателот Стево Пендаровски вечерва му порача од Гази Баба на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да се изјасни дали сака да дознае кои од неговите најблиски соработници барале прием кај него, ги примил и да соопшти за што разговарале.
Во стандардниот образец на кампањата имаше прашања од граѓаните и тој беше запрашан дали се точни обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека во неговиот кабинет имало тајни преговори за амнестија на политичари.
„Ако господинот Мицкоски тврди дека имало тајни средби не би било лошо еден доказ во таа насока да приложи дали нешто такво се случувало, а не само да прераскажува чаршиски муабети. Тајни средби кај мене немало. Меѓутоа, ако приложи доказ во таа смисла, а јас ви тврдам дека такво нешто не постои, јас тогаш можам него да го прашам дали го интересира кој сè барал прием кај мене и да му кажам датуми, имиња и презимиња, затоа што станува збор за неговите најблиски соработници од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. И ако го интересира можам да му кажам што бараа од мене во таа насока. Некои од нив се и меѓу највисоките носители на пратенички листи. Можам да му кажам датум, имиња и презимиња, најблиските негови соработници пред 2 ипол години бараа прием кај мене, беа примени. Ќе му кажам што точно разговаравме“, рече Пендаровски.






