Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на самитот на Берлинскиот процес го претставила новиот план за раст на Западен Балкан, кој според неа – има потенцијал да ја удвои големината на економиите во регионот во оваа деценија. Фон дер Лајен рече дека предложила пакет од шест милијарди евра, чија реализација ќе зависи од спроведувањето на реформите.
„Ова беше многу успешен самит, но неопходно е дополнително да се доближат нашите економии и да се забрзаат реформите во процесот на пристапување во ЕУ. Затоа на лидерите им претставив нов план за раст, кој, доколку се спроведе, има потенцијал да ја удвои големината на економиите од Западен Балкан во оваа деценија“, рече фон дер Лајен.
На заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц и албанскиот премиер Еди Рама, Фон дер Лајен изјави дека новиот план за раст на Западен Балкан има четири столба – воведување на Западен Балкан на единствениот пазар на ЕУ, воспоставување на единствен регионален пазар на Западен Балкан, реформи и инвестиции.
„Првиот столб е воведувањето на Западен Балкан на единствениот пазар на ЕУ. Ова всушност ја отвора вратата за единствениот пазар на ЕУ за компаниите од Западен Балкан во седум клучни области, вклучувајќи ја царинската соработка, е-трговија, безготовинско плаќање, роаминг“, рече Фон дер Лајен.
Таа наведе дека вториот столб подразбира дека субјектите од Западен Балкан мора да завршат со формирање на единствен регионален пазар, со што, според неа, би се зголемил бруто домашниот производ на регионот за 10 проценти.
„Третиот столб се реформите, кои исто така се неопходни за влез на Западен Балкан на единствениот пазар на ЕУ и кои би го доближиле регионот до членство во Унијата и би го направиле поатрактивен за европските инвеститори. Денес, економиите на Западен Балкан се на 35 проценти од просекот на ЕУ и ни претстои многу работа“, додаде таа.
Четвртиот столб, според Фон дер Лајен, повлекува зголемени распределби на ЕУ за Западен Балкан, под услов шесте ентитети од тој регион да ги спроведат потребните реформи.
„Предложивме инвестициски пакет од шест милијарди евра, од кои две милијарди се во грантови, а четири во форма на заеми. Средствата ќе се насочат доколку се спроведат реформите“, изјави таа.
Германскиот канцелар Шолц ги повика шестмината од Западен Балкан да се „обучат“ за влез во ЕУ, наведувајќи дека ентитетите мора поблиску да соработуваат за да се постигне оваа цел.






