Сиљановска – Давкова од Детроит: Мораме да си ги задржиме врските во дијаспората, на тој начин опстојуваме
Ние мораме да си ги задржиме врските, да бидеме во постојана комуникација, мораме да си ја повратиме дијаспората, а тоа ќе го сториме преку набрзо формирање на советот за дијаспора, со регистар на луѓето, им порача претседателката Сиљановска – Давкова на македонските иселеници во Детроит при посетата на црквата „Света Богородица“.
– Посакувам да бидеме во постојана врска, бидејќи во светот има едно семејство што се вика македонско, а знам дека во животот се може да смените само татковината не, истакна претседателката.

Таа укажа на фактот дека нашите луѓе можат да се натпреваруваат каде било, па и во најкомпетитивната Америка.
– И затоа замислувам дека многу би значело да си ги задржиме врските. Вие не секогаш сте заминале од дома заради натпревар, многупати и поради лошите услови дома, поради неможноста најдобрите да се најдат на највисоките позиции, некогаш и заради кариерата, но сето тоа е пакт, рече Сиљановска – Давкова.
Таа раскажа дека за време на престојот во САД имала можност да сретне многу успешни бизнисмени како и што е тоа што и се допаѓа кај нив. – Кога ќе чуете луѓе како Крис Павлоски, на пример, којшто вели дека „Рамбл“ му е многу важен, ама сака неговиот син да знае да игра оро и го учи на тоа дека е Македонец, тоа ми влева надеж. Кога Мајк Зафировски летово побара со голема група луѓе да ме посети и тоа ми дава надеж дека ние ќе продолжиме заедно, рече Сиљановска – Давкова.






