И да ни се разделат патиштата, ова да го направиме како цивилизирани и семејни луѓе – апелираше генералниот секретар на Алијанса за Албанците (АА) и министер за правда, Кренар Лога, откако за помалку од 24 часа во партијата се случија два инцидента кои следеа по отворениот раздор меѓу актуелниот и поранешниот претседател на АА, Арбен Таравари и Зијадин Села околу настапот на партијата на следните избори. Лога повика на самоконтрола и смиреност кај членството додека, како што рече, сите во партијата се обидуваат да го изнајдат правиот и вистинскиот пат.
„Можеме да имаме недоразбирања и несогласувања, но воопшто не треба да се оддалечиле еден од друг од нашата заедничка куќа. Додека сите заедно се трудиме да го изнајдеме правиот и вистинскиот пат, повикуваме на самоконтрола и смиреност. Ние сме поминале многу настани заедно, како радосни така и тажни. Заради тоа апелираме и да ни се разделат нашите патишта, ова да го направиме како цивилизирани луѓе и семејни луѓе“, пишува Лога во објавата на Фејсбук.






