Претседателот на Собранието Јован Митрески, кој беше досегашен координатор на пратеничката група на СДСМ, вели дека на вчерашната средба со пратениците од албанската опозиција Европски сојуз за промена предложил од Комисијата за прашањата на изборите и именувањата на пленарна седница да стигнат двата предлога за избор на член на Државната изборна комисија и да се донесе ситуацијата до обезбедување на двотретинско мнозинство.
-Избирањето на членот на ДИК е важно, затоа што тоа е многу битно да не оставиме никаква флека во смисла на организирање на фер и демократски избори. Јас кажав дека во наредните неколку дена ќе пробам да разговарам со сите пратенички групи, конечно да изнајдеме решение за оваа прашање. Зошто? Затоа што изборот на член на ДИК се врши со двотретинско мнозинство. Ниту власт, ниту опозиција ако не застанеме и не обезбедиме консензус, нема да обезбедиме двотретинско мнозинство. Јас предложив дека е добро за да го придвижиме процесот, од Комисијата за прашањата на изборите и именувањата до пленумот да дојдат двата предлога и да разговараме за двата предлога и да ја донесеме ситуацијата до чин на гласање, фактички до обезбедување на двотретинско мнозинство, рече Митрески на вечерашното гостување на „Тема на денот“ во Дневникот на Телевизија Сител.
Во однос на коалициите за изборите, Митрески потенцира дека се прават анализи и разговори со партиите и оти немаат донесено се уште никаква одлука.
-Секако дека се прават анализи. Секако дека има разговори. Моментално нема никаква одлука како тоа ќе се спроведе на изборите, затоа што се прават анализите. Јас очекувам дека граѓаните на крајот ќе одберат иднина која што е европска, иднина која ќе обезбедува подобра егзистенција, иднина кон демократскиот свет кон кој ние целиме како млада демократска држава која уште треба да работи на тоа прашање. Ценам дека на крајот, друга алтернатива освен европската ние немаме, затоа што досега не сме слушнале друга алтернатива некој да понуди, рече тој.






