Македонија има обврска да го почитува Преспанскиот договор, порачуваат од германското Министерство за надворешни работи, откако во неделата, новатапретседателка на државава, Гордана Силјановска-Давкова одби да го изговори уставното име на земјата со придавката „Северна“, јави Дојче веле.
Владата во Берлин сака да ја продолжи соработката со новата влада во Скопје, и смета дека е важно земјата да го продолжи патот кон ЕУ и да ги спроведе неопходните реформи на тој пат.
„Северна Македонија може да се потпре на Германија на тој пат“, изјави во понеделникот, портпаролот на германското МНР, Кристијан Вагнер. Но, што се однесува до користењето на името, Берлин бара да се почитуваа меѓународните договори.
„Што се однесува до користењето на името, постои меѓународен договор, Преспанскиот договор со Грција, на кој Северна Македонија е обврзана“, рече Вагнер.
На новинарско прашање, што ќе се случи доколку и новата влада во Скопје не го почитува Преспанскиот договор, Вагнер одби да шпекулира, но рече дека неговата влада останува на ставот дека Западниот Балкан припаѓа кон ЕУ.
„Германската влада е многу активна во тој дел и нема да дозволиме сиви зони во Европа. Кога би дозволиле такви сиви зони, тие би биле искористени од други земји. И затоа остануваме на нашата политика кон Западен Балкан“, рече Вагнер, додавајќи дека треба да се почека затоа што новата влада во Скопје се уште се договара.
Германската амбасада во Скопје немаше забелешки за настанот во Собранието при заклетвата. Таа во објава на Фејсбук напиша:
„Историски момент: честитки до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за преземањето на нејзината улога како прва жена претседател на Северна Македонија! Се радуваме на натамошниот развој на доверливата соработка и пријателство меѓу Германија и Северна Македонија на патот кон нашата заедничка европска иднина“.






