Лога: Нема ново моменти околу екстрадицијата на осомничениот Љупчо Палевски
Министерот за правда, Кренар Лога денеска во изјава за медиумите прашан до каде е процесот за екстрадицијата на првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски-Палчо, рече дека нема нова информација околу тоа и дека ако има нова информација таа ќе биде навремено споделена со јавноста.
-Досега немаме никаква информација дополнително да ја споделуваме со вас. Кажавме и минатиот пат на прес-конференција и со премиерот, кога и да имаме тоа ќе биде споделено со јавноста и со вас, изјави Лога.
Претходно, од Секторот за меѓународна правна помош во Министерството за правда информираа дека постапката за екстрадиција на Љупчо Палевски било изготвено истиот ден откако е добиено официјалното известување од МВР за апсењето на Палевски..
Оттаму појаснуваа дека постапката за екстрадиција во ваквите предмети трае неколку месеци, а исклучок се само случаите на скратена постапка кога лицето прифаќа да биде екстрадирано. Се што сме работеле со Турција, велат од Секторот, вклучено е и Министерството за надворешни работи, бидејќи како што појаснија, Турција има ставено резерва на вториот протокол на Конвенцијата за екстрадиција.





