Ковачевски: Пендаровски е потенцијален претседателски кандидат на СДСМ
СДСМ својот претседателски кандидат за изборите закажани на 24 април 2024 година ќе го бира преку дефинирана процедура, најдемократски. Актуелниот претседател на државата Стево Пендаровски, ако го анализираме неговото работење во изминатите пет години, апсолутно влегува во профилот. Тој беше поддржан од коалиција која вклучуваше и албански партии, истакна премиерот Димитар Ковачевски, но не откри конкретни имиња за кандидат на СДСМ за следните претседателски избори.
-Претседателски кандидат којшто се залага за европска интеграција на државата, кој се залага за надворешна политика којашто е целосно усогласена со НАТО и ЕУ, којшто ги почитува меѓународните договори на државата, којшто ја почитува Преговарачката рамка со ЕУ, којшто ги почитува сите граѓани без разлика на нивната, пред сè, етничка и која било друга припадност и претседателски кандидат којшто има визија за Северна Македонија како полноправна членка на ЕУ – со економски раст, со врвно владеење на демократија и право и социјална сигурност. Тоа е победничкиот кандидат и тоа е профилот на претседателски кандидат којшто СДСМ ќе го понуди и којшто ќе треба, нормално, да ги дели вредностите на нашите коалициони партнери, вели премиерот Ковачевски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Во однос на прашањето дали Пендаровски ги исполнува условите што ги набројува, Ковачевски вели дека досегашното работење на Пендаровски е токму таков пример.
-Стево Пендаровски, ако го анализираме неговото работење во изминатите пет години, тој апсолутно ги исполнува овие вредности и затоа тогаш и бил кандидиран. Бидејќи претседателот Пендаровски беше кандидиран како консензуален кандидат. Да не заборавиме дека тој беше поддржан отворено од коалиција која вклучуваше партии на Албанците, нагласи премиерот.






