Поранешниот генерален секретар на владата треба да ја надомести штетата од 71 милиони денари
На поранешниот генерален секретар на владата, Мухамед Зеќири, денеска му беа пресудени две и пол години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување. Процесот против него се водеше за склучување на договор со фирмата „Интерхолдинг“ за консултантски услуги за потенцијална приватизација на „Пошта“ и Железници транспорт. Според обвинението тој направил штета од над 57 милиони денари на државниот буџет.
Читајќи ја пресудата судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска рече дека Зеќири склучил договор во четири очи, без да се даде можност за конкурентски понуди.
„Мухамед Зеќири виновен е затоа што од април 2021 до март 2022 година, во својство на генерален секретар извршил две временски поврзани дејствија. Како службено лице презел дејствие со намера за друг да прибави имотна корист. На 4.5.2021 година, без спроведување на јавна постапка, склучил договор со фирмата ‘Интерхолдинг’ на износ од 795 илјади евра без ДДВ, во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани кои не се достапни на органите на прогон“, рече судијката Јанчулева-Михаиловска во пресудата.
Владата пак, ги исплаќала сумите кои ги потпишал Зеќири со „Интерхолдинг“, со што настанала штета на буџетот.
Според пресудата Мухамед Зеќири треба да ја надомести штетата од 71 милиони денари во рок од шест месеци по пресудата, рече судијката.
Зеќири пак, треба да ги плати и сите судски трошоци за судењето.
Оваа пресуда е првостепена. Странките имаат право на жалба.