Македонија Новости Став Топ Вести

Османи: Мицкоски нема да решава кој ќе ни биде коалициски партнер

Османи, исто така, не одговори директно дали ДУИ ќе го поддржи Стево Пендаровски во вториот круг од претседателските избори


Министерот за надворешни работи Бујар Османи избегна да одговори на денешната прес-конференција дали ДУИ, и по сите навреди и обвинувања од страна на ВМРО-ДПМНЕ, би влегла во коалициска влада со оваа партија.

Османи, исто така, не одговори директно дали ДУИ ќе го поддржи Стево Пендаровски во вториот круг од претседателските избори, инсистирајќи дека за тоа прашање треба да решава заеднички нивниот „Европски фронт“. Тој неколкупати порача дека Христијан Мицкоски не одлучува кој ќе биде претставник на Албанците во идната влада и уште повеќе, дека е срамота што се разговара за идни коалиции кога изборите сѐ уште не се ни одржани.

На слогонот на ВМРО-ДПМНЕ „Македонија повторно твоја“, за кој рече дека е понижувачки за Албанците во државата, тој реплицираше со слични фрази за достоинство на граѓаните со порака дека битката меѓу „Вреди“ и „Европскиот фронт“ е завршена со првиот круг на изборите за претседател и дека сега сите се обединети како Албанци против обидите на ВМРО-ДПМНЕ да решава во нивно име кој ќее ги претставува.

„Не одлучува Мицкоски кој ќе биде претставник на Албанците. За тоа ќе одлучи народот“, порача сѐ уште актуелниот министер за надворешни работи во техничката влада.

Според него, целта на ДУИ не е да биде стигматизирана од ВМРО-ДПМНЕ или од СДСМ туку да се почитува волјата на избирачите, а таа е јасно искажана и не може да се згази ниту за момент.

„Таквата изјава (дека ДУИ ќе замине во опозиција) е шовинистичка и е навредливо да зборуваме за коалицирање на 9 дена пред избори. Повредено им е достоинството на гласачите со изјавата дека воопшто нема да биде важна нивната волја за кого ќе се определат. Тоа е омаловажување на волјата на избирачите, тоа не само што на е демократски, туку Албанците ги враќа во времето на Рахман Морина“, рече Османи.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *