„Македонија“ нема да биде ставена на дневен ред на самитот на Европската унија во декември кога ќе се разгледуваат извештаите за земјите кандидати, и подобро што е така, бидејќи ќе треба да се заклучи дека – не ги исполнила условите што се бараат за да ги продолжи преговорите за членство.
Ова е пораката од Виена околу нереалните очекувања кај нас дека може да продолжи процесот и без уставни измени и дека ако видат во ЕУ дека има отпор во нашата држава тие да се усвојат вака како што се напишани, Брисел ќе попушти и ќе дозволи одново да се разгледува преговарачката рамка.
Уште повеќе во дипломатските кругови во Виена не се сигурни дека и по изборите кај нас, кога и да се, ќе поминат уставните измени, иако уверувањата од ВМРО-ДПМНЕ биле дека сега се неприфатливи за нив бидејќи им ги намалуваат шансите да освојат голема победа на изборите.
Практично, тие не слушнале јасен одговор од партијата на Христијан Мицкоски што потоа, а добиле и прашање – зошто се толку уверени од друга страна дека СДСМ ним ќе им направи кворум за промена на Уставот, поточно ќе гласа воопшто за уставните измени ако по изборите се најдат во опозиција. Во смисла, зошто се толку уверени дека нема да им возвратат со истите методи со кои тие сега ја блокираат евроинтеграцијата што е во интерес на државата.
Во Виена практично никој ништо не очекува да се случи на овој план пред изборите, а главното прашање е дали ДУИ ќе биде дел или не на идната влада. Успеавме да добиеме уверување од властите во Бугарија дека нема да поставуваат нови услови и тоа јавно го кажаа, но без исполнување на веќе договореното нема одење напред за Македонија, е пораката од Виена.