Утре на голем протест пред Собранието излегуваат вработените во судската и обвинителската администрација, Фондот за здравство и Народниот правобранител.
Револтот кај административците се појави откако пролетва за 78 проценти се зголемија платите на функционерите, по одлуката на Уставниот суд.
Од МВР соопштуваат дека во периодот од 11.00 до 14.30 часот Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на централното подрачје на град Скопје поради одржувањето на протестите.
„За таа цел МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат протестите“, велат од полицијата.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска рече оти се надева дека во иднина ќе се најде решение за барањата на синдикатите, и не очекува целосна блокада на институциите по најавите дека доколку надлежните останат глуви на нивните барања, тие ќе запрат со работа. Тој рече дека Владата ќе продолжи да има средби со претставниците на синдикатите и согласно буџетските можности ќе бидат реализирани барањата кои ги имаат.
„Такви средби имало и во минатото и преку таков дијалог успеавме да дојдеме до нов општ колективен договор кој предвиде и беа направени зголемувања на платите за 10 отсто во целиот јавен сектор и беше исплатен К-15 за оваа година“, изјави Ковачевски.
Во однос на зголемените плати на функционерите, Ковачевски рече дека работната група сè уште нема излезено со предлог како тие да се намалат.
„Во однос на функционерските плати треба да се менуваат седум закони, при што кај дел од функционерите постојат законски одредби дека не може да се намалува платата. Постојат такви одредби, на пример, кај платите на судиите, во тие делови од законите, делот за пратениците е регулиран со Закон за пратеници. Затоа велам дека се работи за комплексно решение кое на крајот од денот треба да донесе правичност во плаќањето на трудот согласно и одговорностите кои секој ги има во државата. Ние бевме во ситуација во којашто претседателот на државава имаше помала плата од секретарка во АЕК и сметам дека тоа е исто така дисбаланс, којшто треба да се адресира на соодветен начин“, вели премиерот Ковачевски.
Во буџетот за 2024 година, како што претходно извести премиерот, не се предвидени средства за повисоките плати на функционерите, но Владата сè уште работи на решението со кое ќе се намалат, а кога ќе биде утврдено, треба да помине и во Собранието.