Лога: ВМРО-ДПМНЕ да го предводи менувањето на Законот за јавното обвинителство
Министерството за правда вчера писмено ги информирало претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и координаторот на пратеничката група на таа партија, Никола Мицевски, за координативниот состанок одржан во Министерството на 15 ноември на кој биле отворени и дискутирани повеќе аспекти во врска со подготовката на измените на Законот за јавното обвинителство. Како што објави министерот за правда Кренар Лога на својот фејсбук-профил, претставниците на јавните обвинителства на состанокот укажале дека постои потреба од подобрување преку донесување законски решенија.
-Следејќи ја и досегашната практика за обезбедување вклученост и на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во сите постапки за донесување на законите кои се во надлежност на Министерството за правда, воедно и преку доставување на работните верзии на законите кои се во постапка на подготовка, во дописот беа информирани за резултатите од одржаниот состанок имајќи предвид дека координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, и покрај упатената покана, не присуствуваше на состанокот, наведува Лога во објавата.