Европските знаменца не докусурија: Законите за коридорите го поминаа првиот собраниски филтер
Пратениците вчера на пленарна седница ја усвоија потребата по скратена постапка да се донесат измените на петте закони означени со европско знаменце поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д.
Заседаваше и матичната Комисија за европски прашања, која е следниот филтер за законските измени, но само го утврди дневниот ред и според најавите денес треба да почне расправата.
Опозициските пратеници во расправата и на пленарната и на комисиската седница го оспоруваа означувањето на законите со европско знаменце и ги повторија обвинувањата дека со тоа што не е објавен Договорот со стратешкиот инвеститор, американско-турскиот конозорциум „Бехтел и Енка“, се остава простор за сомнежи за корупција, како и дека ќе се плаќаат стотици милиони евра за аванси и пенали.
Од делегацијата на ЕУ во државава повторија дека загрижува означувањето со европско знаме на закони кои не се дел од усогласувањето со легислативата на ЕУ, а од владејачката СДСМ, пак, порачаа дека законските измени заштедуваат 150 милиони евра на граѓаните и две години помал рок на изведба.
На предлог на Владата, вчера на 115.
собраниска седница беше изгласана потребата по скратена постапка да се донесат законите за изменување и дополнување на законите за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола), за урбанистичко планирање, за градење, за експропријација и за работните односи, сите по скратена постапка.
Овие закони претходно беа предложени од група пратеници, а по блокадата во комисиите од опозициски пратеници, повторно беа предложени минатата недела овојпат на предлог на Владата и со европско знаменце.