Министерот за правда Кренар Лога денеска на прес-конференција во Собранието изјави дека повторно ќе го поднесе законот за амнестија, овој пат по редовна постапка, откако претходно Собранието на 129. седница со 66 гласа „против“ не го го поддржа донесувањето на законот по скратена постапка.
-Денеска Македонија е понеправедна држава од вчера, за жал оваа неподдршка за предлог Законот за амнестија ја гледам како одмазда за измените на Кривичниот законик кон мене и мојата политичка партија, изјави Лога и изрази надеж дека пратениците биле „против“ поради скратената постапка.
Според Лога не постои никаква криза.
-Тоа што го кажав и на почетокот, а тоа е дека продолжуваме понатаму. Значи денеска не се прифати предлогот за да биде по скратена постапка. Така да, јас пак ќе ја повторам постапката, со редовна постапка. Ако сакаат де жаву, пак ќе ја имаат таа можност уште еднаш да гласаат за оваа работа. Ако се донесуваат преку ноќ закони за големи риби, тогаш јас имам кажано од прв ден дека сум на страната на граѓаните. И така ќе постапам до крајниот ден кога ќе бидам јас на оваа позиција, порача министерот.






