Маричиќ: Првиот трансфер на средства од Планот за раст на ЕК,на почеток на април
Очекуваме првата евалуација да биде на крајот на март, а на почетокот на април првиот трансфер на средства од Планот за раст од Европската комисија (ЕК). Тоа е намерата на ЕК и тоа е динамиката што ќе ја правиме, рече вечерва вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Фокусот на реформите што ќе се очекуваат од нас, како што оцени во гостување на ТВ Телма, ќе биде во финансиските и економските капацитети на државата и на јакнењето на институциите.
Денешната посета на претседателката на Европската комисија Фон Дер Лајен, според Маричиќ, е позитивен сигнал и охрабрување бидејќи турнејата на Западен Балкан ја започна токму од Скопје.
-На тој начин испраќа порака дека не само што Северна Македонија има европска перспектива, туку и дека работи на неа. Нејзиниот фокус на посетата е токму Планот за раст. Иако беа спомнати повеќе други теми, она што таа ни го пренесе, тоа што ние го говориме веќе некое време, дека навистина постои расположение кај државите членки да разговараат и да дејствуваат на полето на европските интеграции. Не е тоа само наша замисла или убава приказна или убава желба, туку дека е тоа навистина реалност. Второ, дека за да покажат на дело дека Планот за раст ќе го ефектуираат во најскор можен рок. Очекуваме на 8 ноември кога ќе бидат објавени извештаите за сите држави од регионот да биде објавен и деталниот план за раст, наведе Маричиќ.






