Интервјуа Култура Македонија Новости Став Топ Вести

Весна Димитрова Бобевски – Три децении со срце за „Словото“!

Весна Димитрова Бобевски – актерка, која секогаш со задоволство ја гледаме на малите екрани, но и на театарската сцена на Народниот театар ЈХК Џинот во Велес, од поодамна и како педагог по актерска игра во сценското студио „Словото“ кое го води повеќе од 30 години

…На почетокот беше „Словото“ – Како започна се – Кој се членува во „Словото“ и што е она што го учат (можеби) твоите идни колеги членувајќи во оваа театарска или подобро речено сценска дружина

Класично членство нема. Значи не се работи само за одредена група на деца. Своја шанса да застане на сцена добило секое дете кое покажало интерес и посакало да учествува во некоја претстава. Работам со деца од сите возрасти повеќе од 30 години. До денес не сум наплатила ниту еден денар од ниедно дете…. во прашање е чист ентузијазам, чиста љубов и посветеност.

– Мислам дека ти си еден од ретките педагози по сценска игра кој заедно со своите деца од „Словото“ играл на отворена сцена пред 3000 луѓе. За каков проект стануваше збор

Да. Многу често играм со моите „членови“ во многу претстави заедно. Па и во оваа последнава „Така било пишано“ со која гостувавме во Сардинија. Во перформансите што ги работев за словенечката амбасада и руската амбасада. Игравме заедно и во заедничките перформанси на отворено по улиците на градот Сасари на островот Сардинија-Италија. (Јас бев во улогата на мајката на Грација Деледа италијанска писателка, која доби Нобелова награда во 1926 година, инаку по потекло од градот Сасари каде што престојувавме и тоа во незиниот хотел, (се сеќавам дека глумев на италијански јазик)

– Имам впечаток дека „Словото“ е театарска дружина мошне интересна за странските амбасади во Македонија, зошто „Словото“ а не некој друг?

🙂 Веројатно некој нешто вредно и доверливо препознал во нас! Тоа го покажавме и докажавме многупати. Еве имаме покана и уште од една амбасада со која досега не сме соработувале. 🙂

-Настапите надвор од Македонија се составен дел од вашата работа со „ Словото„, можеме ли да направиме една куса ретроспектива, каде се бевте и пред кого се ја претставувавте македонската театарска генерација што доаѓа

Отворивме една „Детска евровизија“, отворивме еден саем на книгата „Саемот на книгата во Љубљана“ во Цанкаријев дом…редовни учесници сме во соседна Бугарија на еден мошне впечатлив маѓународен фестивал, уследија и нови покани од два различни фестивали во Бугарија. Патуваме во Сардинија-Италија ,годинава таму ни беше второ гостување со Драмското студио „Словото беше сега“. Имаме покани од голем број европски земји кои со задоволство сакаат повторно и повторно да видат што е она ново што „Словото“ го работи во моментот.

-Некои од вашите некогашни „Словари“ денес се реномирани актери но и етаблирани во многу други професии

Да. Токму така. Голем број од младите актери од Велес што завршија „Академија за драмски уметности“ излегоа токму од „Словото“. Некој веќе се успешни во други професии и се фамилијарни луѓе и нивните деца веќе се нови членови на „Словото“ :), нема поубаво сознание од тоа дека взаемната доверба и почит опстојуваат толку години.

– Неодамна се вративте од гостување во Сардинија, запознајте не со ова патешествие на „Словото“

На фестивалот во Сардинија бев по четврти пат. Два пати имам таму учествувано пред околу 20 години со моите „монокореодрама“ и „моно пантомима“. Со директорите од театарот Сарза од градот Сасари се запознавме во Мароко во Казабланка кога еден 8 септември како што реков пред 20-на години отприлика, настапував на Меѓународен фестивал во Казабланка со мојата монокореодрама „ Неван срцето на светот“. Беа фасциирани од таа игра со тело, од говорот на телото и вербалниот говор. Веднаш ме поканија да гостувам на нивниот фестивал и фестивалот во Торино и ми кажаа секогаш кога ќе имам мој нов моноспектакл да земам учество на нивните фестивали без да ми прават селекција… тие многу веруваа во моите настапи.

Пред пет години ја однесов првата група на деца од „Словото“ на овој фестивал. И тогаш и сега претставите целосно и беа посветени на Македонија. Концептот на фестивалот е секоја земја да биде претставена со своја претстава, нема натпреварувачки карактер, туку истражување на нови форми во театарот. Така и оваа година, сите учесници работат тие седум дена додека трае фестивалот на заедничка претстава, оваа година не беше во прашање вербален театар, туку пантомима и се работеше претставата „Бесниот Орландо“ од познатиот италијански автор Итало Калвино. Ова беше едно големо и пријатно искуство за сите нас.

Инаку нашата Претстава со наслов „ Така било пишано“ се мисли на „Судбина“. Кажавме дека во светот се вели дека постојат три измачени народи Палестинскиот, Ерменскиот и Македонскиот. Да не должам многу, имав сцена од романот „Пиреј“ на Петре М.Андреевски. Имав сцена од доаѓањето на Апостол Павле во Македонија и покрстувањето на Лидија, првата Македонка што го примила православието,…. имаше и други сцени во претставата. Имавме овации после претставата. Гостите од Корзика буквално беа фасцинирани од нашата претстава. Во Изјавата по завршувањето на претставата, ја оценија како „Многуслоен уметнички перформанс кој едноставно воодушевува“ …… Италијанскиот актер Стефано Ланоче, имаше подолга изјава за нашата претстава и ме спореди со најдобрата италијанска актерка Елеонора Дузе.

Од глумата на нашите деца беа едноставно воодушевени, за Теодора Панова ме прашаа како може да е толку мала а толку добра актерка. Инаку во нашата претстава учествуваа Теодора Панова ученичка во прва година во гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес. Изабела Димкова 8-мо одд во Училиштето ОУ „Васил Главинов“ од Велес и Ангел Блажевски студент на прва година на ФИНКИ. Ангела Блажевска ги изработи видеоматеријалите и беше во техничкиот дел (ни пушташе видео и музика). Инаку целата наша претстава одеше преведена на италијански и англиски јазик.

– Каква е соработката на „Словото“ со институциите, имаат ли разбирање а оттука и помош за вашите проекти кои ги виде и Македонија но и голем дел од европските замји

ХМ!!!! Тука се мачам како „грешен ѓаол“ :). Училиштата речиси секогаш ми отстапуваат простор за пробите. Бидејќи тоа се нивни ученици, а јас како што кажав на почетокот, немам мој простор бидејќи не наплаќам членарина и неможам да си дозволам да изнајмувам простор. Но секогаш училиштата ми излегувале во пресрет а понекогаш помошта доаѓа и од „Здружението на пензионери“ .

Оваа година поднесов барање и до општина Велес, не знам дали воопшто и беше разгледано, не добив никаков одговор, а така е со години наназад, како што реков „Словото“ работи повеќе од 30 години, а помош за некое од патувањата никогаш не сме добиле. Тоа е најтешкиот дел и затоа се големи паузите од едно до друго патување, се работи за постоење од цели три децении. Оваа година не „СПАСИ“ еден мој бивши ученик и член кој сега е успешен стопанственик, тој беше член на Драмското студио „Словото“ од мал до студент и знае дека најчесто пробите беа во моето мало станче со години и генерации. Генерации на деца поминале низ него.

Пред пет години и тој беше дел од нашето патување во Сардинија на настап, а и на други фестивали во други земји и добро знаеше како работам и како се молам за средства насекаде и секогаш кога недостасуваа доплаќав од сопствени средства. Сега тој мој бивши ученик и член ми се понуди сам да ми помогне за авиобилетите и многу трогателна порака ми прати „Тетка Весна за тебе во секое време, ти не направи луѓе“ Ова силно ме допре и сватив дека вредела сета таа моја посветеност повеќе од 30 години.

Секогаш кога ме прашуваа зошто не наплаќаш членарина, многу години се во прашање и многу време одвојуваш се жртвуваш на некој начин, секогаш велев „ Јас не се реализирав како родител но еден ден, некои деца ќе ме спомнуваат“. Еве го тоа…. Ќе продолжам и понатаму така се додека можам…..

– „Иднината“ е сега, така би си дозволил да ја опишам вашата работа сите овие години, кои се плановите на „ Словото “ бо поблиска и подалечна иднина

Некаде погоре ги спомнавме амбасадите, значи продолжуваме и наскоро почнуваме еден проект за амбасада за која прв пат ќе работиме. Засега имаме покани, како што веќе споменав, на два фестивали во Бугарија и еден фестивал во Санкт Петербург. А Сардинија секоја година не чека доколку си обезбедиме средства. 🙂 И о ваа година фестивалот во Сардинија го доплати преостанатиот дел од патувањето, за кое немавме доволно средства… Стануваше збор за трансферот од Велес до аеродромот во Софија и назад. Оваа помош од фестивалот и минатиот пат и сега ја сфаќам како гест на чест и добра воља, бидејќи во спротивно би била акт на сожалување врз статусот на културата на локално и државно ниво.

Но од Сардинија се вративте со награди „за инает на се“ !

Секако, успесите не треба да се премолчувааат, за нив треба да се говори гласно, за да се разбудат заспаните но и за да бидат мотив на наградените за уште поголеми достигнувања. Јавно им честитам на наградите на двете ученички членки на „Словото“ Теодора Панова и Изабела Димкова од Велес-Македонија. !

Ви благодарам

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *