Постојат повеќе нивоа на проверка на усогласеност на законите, вклучувајќи ги и тие преку Европската Унија, а Македонија треба да се погрижи нејзините законите да бидат усогласени со европските стандарди и очекувања, порача заменикот помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар во интервју за Радио Слободна Европа, во врска со измените во Кривичниот законик.
-Што се однесува до конкретните информации за измените во Кривичниот законик, се што можам да кажам е дека постојат повеќе нивоа на проверка на усогласеноста на законите, вклчувајќи и преку ЕУ. Тоа би значело дека Македонија треба да се погрижи нејзините закони да не бидат само во согласност со Уставот, туку и со европските очекувања и стандарди, Вели Ескобар во интервјуто.
На прашањето дали САД се задоволни од борбата против корупцијата во Македонија во контекст на измените во Кривичниот законик со кои се намалуваат казните за злоупотреба на службената должност, Ескобар нагласува дека корупцијата е најголем проблем за сите земји од Западен Балкан.
-За почеток би кажал дека корупцијата е најголем проблем за државите од Западен Балкан и мислам дека сите земји можат да направат повеќе (во борбата против корупцијата), вклучувајќи ја и Северна Македонија. И тоа е една од причините зошто доследно се залагаме за тоа државата да ги спроведува реформите кои ЕУ ги бара од неа, изјави Ескобар.





