Македонија Новости Топ Вести

Ковачевски: На Мицкоски му се седи во чекалната на ЕУ

И Груевски сакаше да седи во чекалната 10 години, 20 и 50 години, но како што гледам денес живее во ЕУ, а не во Таџикистан, порача премиерот


Некој за лична кариера сака да држи заложник цела држава. На Мицкоски му се седи во чекалната на ЕУ, 10, 20, години а тоа многу ме потсетува на неговиот претходник, кој сакаше да седи во чекалната 10, 20 години, но денеска живее во земја членка на ЕУ, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во Тема на денот во Дневникот на Сител Телевизија.

-На него ако му се седи во чекалната 10, 20, 50 години тогаш тој многу ме потсетува на неговиот претходник. Бидејќи и тој сакаше да седи во чекалната 10 години, 20 и 50 години, но како што гледам денес живее во ЕУ. Тој не отиде да живее во Таџикистан. Неговиот претходник отиде да живее во Унгарија. Ако толку не била добра ЕУ зошто отиде во ЕУ? Зошто отиде во земја членка на НАТО? Некој за лична кариера сака да држи заложник цела држава, рече Ковачевски.

Според него 80 отсто од граѓаните сакаат да бидеме дел од ЕУ. Иако ВМРО- ДПМНЕ беше против Договорот со Грција сега воопшто не го споменува, така што  со опозицијата ризикот е секој напредок досега да биде загрозен, вели тој. 

-Дел од преговарачката рамка е и договорот со Грција, тие се „за“ договорот или против договорот со Грција? Не го спомнуваат гледам. Комуникацијата со Грција на ДПМНЕ каква ќе биде со Северна Македонија? Ќе се придржуваат или нема? Добрососедските односи се основа на ЕУ. Ако ги погледнете Германија и Франција, нивната историја знаете што е. Погледнете ја битката на Вердан, битката на Сома, па таму имаат изгубено повеќе луѓе отколку што имаат изгинато во било кој друг дел од светот. Денес тие две држави заедно ја водат ЕУ, без разлика кој е власт во тие две држави, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Тој најави исто така дека дента кога ќе се изгласаат уставните измени, ќе поднесе оставка и ќе има избори.

-Ниту еден човек не се родил за да биде премиер, тоа е голема чест и одговорност, да спроведеш визија на граѓаните да живеат подобро и да бидеш со нив. И ако го погледнете моето експозе за потребата од усвојување уставни измени, јас таму бев апсолутно искрен што добиваме со ЕУ. Јас јавно кажав дека дента кога ќе ги изгласаме уставните измени, јас ќе поднесам оставка и ќе одиме на избори, кажа Ковачевски. 

Втората опција е, додаде тој, доколку ВМРО-ДПМНЕ сака да станат дел од Владата, бидејќи тие зборуваа за општествен консензус исто како што јас зборувам, половина места од нашите ќе ги добијат.

-Услови имаат ДУИ да не учествува, тие поднесоа оставки, и другите албански партии кажаа еве и ние нема да учестуваме… Ќе бидат дел од Владата, ќе го завршиме целиот процес, ќе го завршиме скринингот, ќе отвориме едно или две поглавја и ќе затвориме едно од поглавјата. И ќе одиме на избори. Влада во која доминантно министри ќе има и ВМРО-ДПМНЕ, рече Ковачевски.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *