Пензионерите масовно собрани од повеќе градови низ државата, го започнаа протестот пред здружението во Скопје
Со свирежи, транспаренти и скандирања за оставки, пензионерите масовно собрани од повеќе градови низ државата, го започнаа протестот пред здружението во Скопје.
Минимална пензија од 18 илјади денари, повисоки пензии за сите за 3 500 денари, но и повисоки надоместоци се нивните барања, кои сакаа писмено да и ги достават на претседателката на здружението Станка Трајкова, од која побараа и оставка, но наидоа на затворена врата.
Со истите пораки потоа се обратија и пред министерството за труд, барајќи средба со министерката Тренчевска.
По неколку минутно чекање пред вратата на ресорното министерство се откажаа, но кога најголемиот дел почнаа да си одат министерката ги прими на средба и ги продискутираа нивните барања.
Тренчевска им вети дека сите барања ќе бидат детално разгледани од неа, но дека ќе ги проследи и во Владата.
Инаку пензионерите со едноминутно молчење оддаоа и почит кон еден пензионер од Неготино, за кој како што самите известија починал во сообраќајка доаѓајќи накај Скопје да го поддржи протестот.
Од здружението на пензионери веќе се изјаснија дека не застануваат позади протестот, бидејќи правата на пензионерите ги бранат институционално.
Согласно новата методологија која ја договорија лани, во септември 330 илјади пензионери треба да добијат зголемување на пензиите од 6%. Со тоа, најмалку ќе пораснат земјоделски пензии и тоа за само 600 денари, додека најмногу ќе добијат оние со воена пензија – чии примања ќе бидат зголемени за над 1 600 денари.





