
Впечатоците се се’уште силни. Чувстото е неопишливо. Мигот во кој срцето ви е толку големо, зашто публиката, доминантно босанска, ја пее со вас ‘Јовано, Јованке’ и ‘Македонско девојче’ и во кој убавите жени покриени со шарени марами се смеат и воздивнуваат на вашите стихови. Миг во којшто срцето ми беше полно како Куќа.
Јулијана Младеновска- Тешија, минатогодишната добитничка на наградата Антево перо за стихозбирката Куќа, пред неколку дена, со учество на Мостарско лето, ја промовираше книгата пред тамошната публика. Македонската книжевна публика, лани за првпат имаше можност да ја запознае оваа необично фасцинантна поетеса, на промоција на нејзината прва, двојазична, македонско-хрватска збирка поезија, со интересен и провокативен наслов- На каучот на Зигмунд Фројд. Рецензентот, Весна Ацевска, со една реченица ќе го долови слоевитиот поетски дискурс на новото поетско перо во македонската книжевност: И верувам дека таа ќе наиде на убав прием, зашто понудува еден чудесен поетски остров на којшто се вмрежуват исконски и современи јанѕи до кои се допираат филозофијата, религијата и поезијата и кои никого не го оставаат рамнодушен. Само неколку месеци подоцна, Јулијана Младеновска -Тешија, ќе ја добие престижната награда “Анте Поповски- Антево перо“ за ракописот КУЌА, што во издание на Издавачкиот Центар ТРИ, ќе биде вкоричен во книга.Таа голема радост за еден творец, авторката шармантно ќе го проследи со зборовите- Умот ми се сврте кога се испослучија тие чуда.
Инаку, Јулијана Младеновска-Тешија, веќе дваесет години живее и работи во Осиек. По вокација е професорка по филозофија на Евангелскиот теолошки факултет. Освен двете стихозбирки, има објавено повеќе стручни книги како авторка и уредничка, како и десетина статии од областа на филозофијата на јазикот, теологијата и мирот.Членка е на Советот на национални малцинства на Град Осиек, на Македонското-културно друштво ‘Браќа Миладиновци’ и на неколку стручни организации и мрежи во Хрватска, Европа и Америка. За своето докторско истражување ја добила наградата на Фондацијата за истражување на мирот ИПРАФ, С.А.Д ( 2019 г.)
Овој убав настан, што се случил на прекрасниот отворен дел на Народната Библиотека Мостар, со поглед на Стариот град, ни послужи како непосреден повод да поразговараме со авторката за соработката и впечатоците од промоцијата на книгата. Нема да ја допреме горливата темата за личните познанаства без коишто, за жал, ниту оваа нестандардна сторија или краток разговор, не би се случил, а македонската јавност ќе си останеше како изолиран остров до кој не допираат настаните надвор од неговото ‘маало’, иако авторката би требало да биде дел од него.
-Сорабоката со Народната Библиотека Мостар, започна кога излезе од печат ‘На каучот на Зигмунд Фројд’. Ме повика мојот добар пријател од Мостар и ме праша дали би сакала да направиме промоција на книгата во Босна и Херцеговина. Бев воодушевена! Последен пат во Мостар бев зимата 1998 година и го видов градот без мост, скршен и сив. Таа слика ме прогонуваше долго. Му посветив и песна Камен на Камен На Мостар, градот што ми го украде срцето. Сега имав прилика да го видам повторно. Најубавиот град на Неретва. Промоцијата ја организиравме во Народната библиотека Мостар, а промотор беше Аднан Џолта, мостарски поет и автор на неколку стихозбирки. Тогаш го запознав и директорот Омер Мичијевиќ кој посака да го поврзам со Осиек, со нашата библиотека овде. Муабетевме долго , најдовме многу допирни точки, договоривме соработка.
Кога во 2022 година ја добив наградата Антево перо, Мичијевиќ се јави меѓу првите со честитка и порака: се гледаме догодина на Мостарско лето. Поканата ја прифатив без размислување, оти во стихозбирката ‘Куќа’, две песни се инспирирани од Мостар, особено првата ‘Камен на Камен“. Но, кога, пред неколку месеци ми се јави за да го потврдам своето доаѓање, повторно започнаа сомнежите, вистина ли е ова, серозно ли е. Се прашував како ли ќе изгледа тоа, македонска поезија, на македонски јазик, во босански град. Но, и не ми беше важно. Му верував на Мичијевиќ. И не погрешив- беше волшебно прекрасно!
-Пријатните изненадувања продолжија кога дознав кој ќе ми биде промотор. Асмир Кујовиќ! Го имав читано и многу ми се допаѓа, иако стилски сме сосем различни, но тематски блиски. А, тој навистина се потруди да ме прочита и разбере, без оглед на јазичната бариера. Но, најголемото изненадување ми се случи на самиот настан, во тој прекрасно уреден простор, во тој преубав амбиент, кога во моја чест, две девојки, вокал и гитара, Тијана Вишиќ и Марија Распудиќ, запејаа македонска песна. Спонатно им се приклучив. Го доживеав тоа како топол прием во нечиј дом, во нечија куќа. Впечатоците, и после една недела, се се’ уште силни. Чувството е неописливо. Мигот во кој срцето ви е толку големо, зашто публиката, доминантно босанска, ја пее со вас “Јовано, Јованке“ и “Македонско девојче“ и во кој убавите жени покриени со шарени марами, се смеат и воздивнуват на вашите стихови.
Беше тоа волшебна ноќ на македонски стихови во најубавиот град на Неретва.
Соња Манџук






