Уставните измени во собраниска процедура до крајот на месецот, опозицијата ги прекина сите средби за ова прашање
Предлогот за уставните измени е доставен до Владата. Се очекува да биде разгледан на некоја од наредните седници, а до крајот на месецот да биде доставен до Собранието. Премиерот Димитар Ковачевски вчера од Вилнус уште еднаш повтори дека уставните измени се глас за ЕУ и за продолжување на европскиот пат на државата и дека никој нема право да ја изолира државата. Опозицијата останува на одлуката да се прекинат разговорите за уставните измени.
-Предлогот за уставните измени е доставен до Владата и откако таа ќе го разгледа на некоја од наредните седници, меѓутоа не подоцна од крајот на овој месец, ќе го достави до Собранието. Уставните измени се глас за ЕУ и за продолжување за европскиот пат, изјави Ковачевски на прес-конференцијата одржана во Вилнус каде се одржуваше Самитот на НАТО.
Посочи дека уставните измени не се под никаков диктат, туку дека се дел од обврските наведени во Преговарачката рамка што во јули минатата година била усвоена во Собранието без ниту еден глас „против“.