Македонија Новости Топ Вести

Ѓорѓиевски – Фатална грешка беше поддршката за Арсовска

Градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски вели дека длабоко се кае за политичката поддршка што тој и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ и ја дале на минатите локални избори на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска. Тој по состанокот на градоначалниците на Скопскиот регион изјави дека по случувањата со неколку дневната криза со натрупаното ѓубре во градот посочи дека очекува одговорност од раководството на градот Скопје.

„Длабоко се каам и не го кријам тоа дека сум дал политичка поддршка за госпоѓата Арсовска, на човек што го девастираше градот. Но ова што се случува сега ниту било ниту ќе биде видено во Скопје. Јас лично како човек чувствувам длабоко каење што во даден момент сум дал поддршка. Секој човек може да направи грешка, нашава е фатална, и тоа не треба да се заборави, но се надевам и верувам дека нема да се повтори“, изјави Ѓоргиевски.

Градоначалниците од Скопскиот регион бараат од Владата да се вклучи во решавањето на кризата со ѓубрето. По денешниот состанок тие ја повикаа градоначалничката на Скопје Данела Арсовска да ги го реши проблемот, ако не може таа Владата да им помогне со делегирање на надлежности и со сите ресурси за да се реши проблемот. Тие бараат да се расформира Комунална хигиена и да им се предадат ингеренциите и механизацијата на скопските општини.

Ѓорѓиевски бара оставка од градоначаничката Арсовска.

„На температури над 37 степени да го оставите Скопје да тоне во отпад, тоа е алармантно, никогаш во градот не се случило вакво нешто. За ова денеска што се случува требаше да има одговорност и да имаме денеска депонирање на оставка,“ изјави Ѓорѓиевски.

Според Ѓорѓиевски проблемот лежи во непознавањето на законите и надлежностите во раководството на комуналните претпријатија и раководството на градот Скопје.

Кавгата меѓу скопските градоначалници и јавните претпријатија за Комунална хигиена и за депонијата Дрисла по дводневната криза со ѓубрето се интезивира со обвинување за кривично дело.

Во главниот град изминативе неколку дена не се собираше отпадот поради протест на вработените во ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје кои бараат повисоки плати подобри услови, исплата на К15 и враќање на отпуштените колеги од работа.

Во меѓувреме, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ со помош на своите колеги од други општини синоќа почнаа да го чистат насобраното ѓубре, додека од Општина Центар од утрово сами почнаа со чистење на ѓубрето.

Доцна синоќа, по седница на Кризниот штаб, градоначалничката Данела Арсовска кажа дека ЈП „Комунална хигиена“ е ставено во нормала и оти се надева дека од денеска ќе почне да работи со целосен капацитет.

Таа по дводневаната кризна ситуација со ѓубрето низ улиците го обвини претседателот на ВМРО-ДПМНЕ дека стои зад протетсите во Комунална Хигиена и ги политизира.

„Ваквите политичари, рече Арсовска, се ѓубрето кое треба да се исчисти“, изјави Арсовска на прес конференцијата.

Од скопските општини Центар и Аеродром, по реакција од граѓаните побараа од надлежните итно да најдат соодветно решение за собирање на сметот.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *