Австрискиот амбасадор пратил писмо до Владата, барал исклучок за австриските коцкарници
Австрискиот амбасадор во Северна Македонија, Георг Вуцас, интервенирал против зголемената заштита на играчите на игри на среќа, која треба подобро да ги заштити децата и младите. Според австрискиот медиум Ö1 и платформата Zackzack, Вуцас побарал исклучоци за Casinos Austria и Novomatic. Министерството за надворешни работи на Австрија се оградило од оваа информација, но критичарите во таа земја, според медиумите, тоа го сметале за „специјален скандал“.
Утринскиот журнал Ö1 и Закзак во четвртокот објавија за писмото од Вуцас до македонскиот премиер Димитар Ковачевски и други пратеници. Во него се вели дека повикал на исклучоци од планираните ограничувања за австриските компании во февруари.
„Овие компании – Casinos Austria и Novomatic – ме уверуваат дека обезбедуваат највисок стандард на заштита на играчите, како што е вообичаено во Австрија и ЕУ“, напишал Вуцас, според Ö1. „Би бил многу благодарен ако владата ги повлече предложените измени или ги ослободи странските инвестиции“, се вели во него.
Во Северна Македонија, пишуваат овие медиуми, владата сака да го ограничи коцкањето и да ја зголеми заштитата на играчите. Владата во Скопје планира заштитна зона од 500 метри околу училиштата. Во оваа област не треба да се дозволуваат обложувалници. Планираното заострување со месеци е заглавено во македонскиот парламент. Вуцас повикал на исклучоци за локациите што работат со странски капитал. Во случај на неисполнување на барањето Вуцас се заканил со „голема штета на Северна Македонија како деловна локација“ и зборувал за „барања за отштета во износ од стотици милиони евра“.
Министерството за надворешни работи, според овие медиуми, се оградило од Вуцас во појаснувањето испратено во четвртокот. Од таму изјавиле дека обидите за интервенција не биле договорени со Виена. И Министерството за надворешни работи, наводно, се залага за силна заштита на играчите. Вуцас веќе бил предупреден дека наскоро рутински ќе биде префрлен во Виена. Тогаш тој „нема да има повеќе допирни точки со Северна Македонија или со економската дипломатија“, пишуваат австриските медиуми.
Не е првпат Вуцас да се спротивставува со македонските власти околу австриските бизнис интереси. Во писмото до приватната ТВ станица ТВ Телма на крајот на јуни, Вуцас остро го критикуваше судството дека не и овозможило на земјоделската компанија АММА Хоенемс да наплати долг од 4,5 милиони евра од две македонски компании.
„Новоматик“ во четвртокот соопштил за медиумите дека никогаш не влијаеле на дипломатот. Но, портпаролот на Casinos Austria, Патрик Минар,за Ö1-Mittagsjournal рекол дека е легитимно „да се користи дипломатската служба за застапување на легитимните деловни интереси на австриските компании во странство“.Бил остварен контакт со Вуцас бидејќи предложената легислатива го загрозила целиот бизнис модел. „Економското работење веќе нема да биде возможно кога законот ќе стапи во сила“, рече Минар.
Во понатамошното соопштение, Casinos Austria наведува дека треба во принцип да се наведе дека застапувањето на легитимните интереси на компаниите во странство од официјални претставници на земјата е основна задача на дипломатската служба. Во Северна Македонија, како помлад партнер на државната лотарија, особено е задача на Casinos Austria да „придонесе со нашата меѓународно призната експертиза за ефикасна заштита на играчите“. Беше направен обид преку амбасадорот да се реши суштински проблем, порачале од компанијата.
„Ова беше прв обид да се вклучат во размена со политичките носители на одлуки со цел да се зборува за негативните ефекти од предложеното законодавство. Затоа, во никој случај не станува збор за спречување на важни мерки за заштита на играчите, бидејќи никогаш не постоела ситуација во која може да се разговара за конкретни поединечни точки од предложеното законодавство“, порачале од компанијата.
Емил Брикс, директорот на Дипломатската академија во Виена, во Ö1-Mittagsjournal рече дека лобирањето „секако не припаѓа во областите на одговорност на австрискиот амбасадор во странство“. Се разбира, треба да се работи во интерес на австриски компании, но „само во рамките на уставниот систем“, рекол долгогодишниот дипломат, кој меѓу другото работеше како амбасадор во Лондон и Москва.
Портпаролката за надворешна политика на Зелените, Ева Ернст-Џиџиќ, во емисија го опиша инцидентот како „специјален скандал“.
„Таквото однесување на највисокиот дипломатски претставник на Република Австрија во секој случај масовно ќе го наруши угледот на нашата земја во странство“, рече Ернст-Џиџиќ. Таа сака да постави пратеничко прашање до министерот за надворешни работи Александар Шаленберг (ÖVP).
Шефот на делегацијата на СПО-ЕУ, Андреас Шидер, зазеде сличен став.
„ Инцидентот ја нарушува улогата на Австрија како посредник во Западен Балкан и тежи двојно повеќе во оваа клучна фаза од процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ (…). Она што звучи како заканувачки писмо од бордот на директори на групата се зборовите на највисокиот претставник на Австрија во Скопје. Писмото на Георг Вуцас е проблематично доколку тој всушност бил коцкарски лобист, на крајот на краиштата, тој интервенира со сета сериозност против заштитата од коцкање во зона околу градинките и училиштата“, рече Шидер.
„Фактот што Министерството за надворешни работи се оградува од обидите на австрискиот амбасадор да интервенира во Северна Македонија не е доволен, но тоа не е крајот на приказната“, рече Стефани Криспер, портпаролка на NEOS за внатрешни работи. Таа побара што поскоро расчистување на инцидентот. „Бараме целосно разјаснување од министерот за надворешни работи. Сакаме да знаеме дали амбасадорот дејствувал сам и ако не, во чие име дејствувал“, порачала таа.