Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Струга во рамки на претседателските и парламентарни избори, порача дека народот е посилен од секое сценарио на владата на СДСМ и ДУИ, и им се заблагодари на граѓаните за поддршката и победата.
„Мириса на промени, бранот започна и нема запирање. Она што го говорев кога дојдов тука пред некоја недела, стана вистина. Народот не сака да биде под јаремот на стотина души од ДУИ со држава дадена на услуга на Али Ахмети“, рече Мицкоски.
Мицкоски им порача на СДСМ и Ковачевски да не се чудат што ги снашло, односно како што рече тој, „Нека не се чудат јас ќе им одговорам, ги снашол народ“.
Мицкоски додаде дека вчерашниот резултат е одговор за предавствата, аферите, криминалот и понижувањата на Македонија и граѓаните од владата на СДСМ и ДУИ.
Мицкоски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ има план и програма Платформа 1.198 со која ќе ја трансформира Македонија и дека работата се уште не е завршена, односно дека финалето следува на 8 мај каде што граѓаните ќе треба да дадат „црвен картон на владата“.